29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„JP Morgan“ ги отпушта вработените во одделот за хипотеки

„JP Morgan“ ги отпушта вработените во одделот за хипотеки

„JP Morgan Chase & Co“ објави дека започнала со намалување на персоналот во својот бизнис со хипотеки бидејќи високата инфлација и растот на хипотекарните стапки го забавуваат бумот на американскиот пазар на станови.

Повеќе од 1.000 вработени ќе бидат погодени од оваа одлука, а околу половина од нив ќе бидат преместени во други сектори на банката.

„Одлуката за нашите вработени оваа недела е резултат на цикличните промени на хипотекарниот пазар“, изјави портпаролот на најголемата американска банка.

„JP Morgan“ има 273.948 вработени ширум светот, според неговото известување до Комисијата за хартии од вредност на САД за последниот квартал.

„Успеавме проактивно да преместиме многу од засегнатите вработени на нови позиции во компанијата и работиме да им помогнеме на другите погодени вработени да најдат нови работни места во „Chase“ и на други места“, додаде портпаролот.

Минатата недела Федералните резерви ги зголемија каматните стапки за 75 базични поени – најголем пораст од 1994-та година, откако официјалните бројки објавени само неколку дена претходно покажаа дека инфлацијата забрзала и покрај очекувањата дека достигнала врв.

Компаниите за консултантски услуги за недвижности „Compass“ и „Redfin“, исто така, минатата недела објавија дека ќе ги намалат работните места бидејќи побарувачката за купување станови е забавена поради зголемените стапки на хипотеките и забрзувањето на инфлацијата.

„Compass“ соопшти дека ќе намали околу 10 отсто од својот персонал, или околу 450, а „Redfin“ планира да отпушти околу 6 отсто, или околу 470 вработени.

„Wells Fargo“, најголемиот хипотекарен кредитор меѓу американските банки, исто така отпушта луѓе и ги преместува вработените во својот оддел за заеми за домови, според извори кои сакаа да останат анонимни бидејќи не им е дозволено да разговараат за приватни информации.

Во мај, продажбата на постоечките домови во Соединетите Држави падна на најниско ниво во последните две години, а просечните цени на куќите достигнаа рекордно високо ниво и за прв пат го преминаа прагот од 400.000 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП