19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛевата страна на кејот на Вардар ќе добие нов лик!

Левата страна на кејот на Вардар ќе добие нов лик!

Во завршна фаза е подготовка на проектот за реконструкција на левата страна на кејот на реката Вардар. Според информациите до кои дојде Денар, во прва фаза ќе биде опфатен делот од МКЦ до спроти паркот Авионче во населбата Аеродром. Освен кејот, во главниот град веќе е започната градежната офанзива. Од Град Скопје веќе најавија дека со засилено темпо ќе се одвиваат градежни работи на добар дел од главните улици, булевари, но и во градскиот парк.

Од МКЦ до спроти паркот на Авионче во населбата Аеродром ќе се сади нова трева, ниско и високо стеблесто зеленило. Освен хортикултурно уредување, планот е комлетно да биде реновиран кејот од левата страна на реката вардар. Ова е една од тековните работи предвидени за годинава на Градот Скопје. На овој начин кејот на Вардар треба да добие еден поинаков изглед, како што заслужува една европска метропола, велат од Град Скопје.

Во претстојниот период е предвидено да почнат градежни работи на 11 локации низ градот, во неколку скопски општини. Според информациите од надлежните ниту една општина нема да биде запоставена, а целта за тоа е рамномерен развој на општините кој треба да овозможи подобрување на животот на сите граѓани во градот Скопје.

„Јас верувам дека довербата која сите Скопјани ми ја дадоа на изборите ќе биде оправдана, секако од граѓаните се бара и малку трпение да имаат затоа што почнува градежната офанзива. Проектите во овие изминати месеци ги изготвивме и почнавме со реализација на програмата, дури и работи кои што не беа во програмата почнуваме да ги правиме”, вели градоначалничката на градот Скопје Данела Арсовска.

Летна градежна офанзива, реконструкција на улици, започнување изградба на првиот од петте мегапаркови во Скопје, продолжување на реконструкцијата на Универзалната сала, покривање на Усјанскиот канал се само дел од проектите што ги најави градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и истите треба да се реализираат во следниот период. Овие проекти ќе се реализираат во три фази и тоа во месеците, јуни, јули и август. Во овој временски период дел од проектите комплетно ќе бидат реализирани, а дел од нив ќе продолжат со реализацијата бидејќи веќе претходно биле започнати, а помал дел од нив во оваа временска рамка ќе започнат со прва фаза од нивната реализација.

Првата фаза ќе трае до 30 јуни оваа година, кога ќе се реализираат следните проекти и инвестиции.

Првата фаза ќе продолжи со реконструкција на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, се завршува и реконструкцијата на улицата Есенинова, се завршуваат и работите на улицата Васко Карангелески во општина Аеродром каде според информациите ќе се засадат тројно повеќе дрвја на барање на граѓаните.

Во втората фаза, која треба да се реализира во јули, ќе следи реконструкција на улицата Бутелска и на улицата Перо Наков во Гази Баба. Ќе започне реконструкцијата и на улицата Рузвелтова, како и на Димо Хаџи Димов и други улици, а ќе започне и проектот за изградба, реконструкција и покривање на Усјанскиот канал во Кисела Вода.

Меѓу другото, поради добивањето на ново техничко решение за реконструкција на Универзалната сала, според најавите, со зголемен интензитет ќе продолжат градежните активности за да се финализира проектот за надворешниот дел.

Третата фаза што треба да се реализира во август опфаќа реконструкција на улиците Кузман Јосифовски Питу, Перо Наков, а ќе се реконструираат и шест игралишта во паркот во Сарај.

Со асфалтирањето на третиот дел од пешачката патека на улица Љубљанска, на потегот од улицата Разловечко Востание до булевар Илинден, целосно е реконструира пешачката патека, на вкупна површина од 1300 квадратни метри. На овој потег, исто така се поставени заштитни столпчиња, со цел зголемување на безбедноста за пешаците и спречување на непрописно паркирање возила на пешачката патека.

Завршена е и изградбата на вело и пешачката патека на булевар Србија и продолжување на пешачката патека на булевар Видое Смилевски Бато. Градот Скопје во изградбата на пешачките и вело патеките внимаваше да се запази средишното зеленило на овој предел, со што истиот е уреден со нови зелени површини и нови садници. Реконструирани се првиот и вториот дел од пешачката патека на Јужен булевар. Со реконструкција на пешачката и велосипедската патека ќе се овозможи полесно движење и ќе се зголеми безбедноста и на пешаците и на велосипедистите во тој дел.

Во рамките на оваа градежна офанзива, завршена е реконструкцијата на пешачките патеки во стариот дел на Градски Парк која се реализираше во фази и се одвиваше на вкупна површина од 9.000 квадратни метри. А следува и реконструкција и на патеките во средишниот дел на паркот по најавите дека ќе се реконструираат етапно сите патеки во Градскиот парк.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП