27 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗПрвиот сериски соларен автомобил кој се вози со месеци без полнење (ФОТО/ВИДЕО)

Првиот сериски соларен автомобил кој се вози со месеци без полнење (ФОТО/ВИДЕО)

Холандската компанија „Lightyear“ го претстави, како што тврди, првиот соларен автомобил во светот подготвен за производство.

Моделот „Lightyear 0“ е семеен седан со инсталирани 5 квадратни метри соларни панели, кои можат да генерираат доволно енергија за дневно возење до 70 километри.

Холандската компанија со 500 вработени потпиша договор со повеќе од 100 добавувачи и има намера да започне со производство на овој електричен автомобил на соларна енергија.

Покрај соларните панели, овој електричен седан има и батерии кои овозможуваат автономија до 560 km при возење на автопат, со брзина од 110 km/h, дури и без сонце.

Тоа е прилично импресивна бројка; за време на „WLTP“ тестирањето, „Lightyear 0“ имаше вкупен опсег од 625 km, што е речиси 4 проценти повеќе од „Tesla Model 3 Long Range AWD“.

Компанијата наведува дека го развила најефикасниот електричен погон досега и дека овој податок за автономија се однесува на батерија од 60 kWh. За споредба, „Model 3 Long Range AWD“ има батерија од 82 kWh.

Дури и ако стандардот за мерење „WLTP“ е премногу оптимист за реалните услови на возење, „Lightyear“ сепак добива поголема автономија со значително помала батерија од „Tesla“, користејќи само 10,5 kWh на 100 km при 110 km/h на автопат.

Овој резултат беше делумно постигнат благодарение на помалиот отпор на воздухот. Холандскиот производител наведува дека коефициентот на отпор на воздухот е 0,19, што го прави „Lightyear 0“ најаеродинамичниот семеен автомобил кој е некогаш направен.

Одличната автономија е резултат и на специјално развиените пневматици на „Bridgestone“ кои се дизајнирани да го намалат отпорот при движење.

Но, дел од тоа доаѓа и од намерното фокусирање на ефикасноста на сметка на перформансите. Имено, на автомобилот му требаат цели 10 секунди за да забрза од 0-100 km/h, а достигнува максимална брзина од само 160 km/h.

За споредба, „Tesla“ отсекогаш се обидувала да ги импресионира клиентите со извонредно забрзување, па „Model 3 Long Range AWD“ достигнува до „стотка“ за четири секунди и развива максимална брзина од 233 km/h.

За време на сончев летен ден, „Lightyear 0“ може да помине до 70 km без полнење на батеријата. Ако ја додадете целосно наполнета батерија, производителот тврди дека ако вашето дневно патување е помало од 50 километри, автомобилот може да се вози со месеци и илјадници километри пред да биде потребно да се наполни батеријата на полнач.

Соларното полнење може да придонесе до 10 километри автономија на час. На домашен штекер се полни со 32 km автономија на час, а на брз полнач до 520 km автономија на час, каде што е достапна таква инфраструктура.

Што се однесува до внатрешноста на автомобилот, возилото има пет седишта, многу багажен простор и „веганска“ внатрешност, изработена од „растителна“ кожа, рециклирани шишиња и ратан.

Има, секако, 10,1-инчен екран на допир за контрола на навигацискиот и мултимедијалниот систем.

Бројките на хартија се едно, а реалноста сосема друго, па ќе биде интересно да се дознае колку добро овој автомобил ја врши работата за која е конструиран во реални услови, во текот на целата година.

Другата работа која не му оди во прилог е цената. „Lightyear 0“ е исклучително скапа „играчка“. Од компанијата велат дека ќе бидат направени само 946 примероци, кои ќе се продаваат по цена од 250.000 евра, а испораките ќе започнат во ноември.

Меѓутоа, доколку се распореди комплетната серија возила, компанијата вели дека ќе продолжи да се развива со цел во иднина да понуди соларен автомобил за обичните смртници, со почетна цена од 30.000 евра и проектиран датум за почеток на производство во 2025-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП