25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦеновното цунами го разруши стандардот на граѓаните, мерки ни за лек!

Ценовното цунами го разруши стандардот на граѓаните, мерки ни за лек!

За неколку дена, по истекот на времените антикризни мерки за задржување на куповната моќ на граѓаните цените се „вивнаа до небо. Освен прехранбените производи по нови повисоки цени се продаваат и останатите добра и услуги кои граѓаните редовно ги набавуваат. Во јавноста и на социјланите мрежи врие од реакции за намалениот стандард, а властите допрва ќе одлучуваат дали и кога ќе објават нови мерки за граѓаните па и за компаниите. Експертите со став дека итно се потребни нови мерки. Новиот бран на поскапувања е доволна причина и за нова политичка пресметка помеѓу партиите.

Уште на првиот ден по завршувањето на мерките на замрзнати маржи, цените на основните прехранбените производи пораснаа на рекордно ниво. Трговците не чекаа ниту да се раздени, веднаш првите муштерии ги дочекаа со нови повисоки цени. Информациите од терен се дека за 10 денари се зголеми цената на сите видови  леб, поскапо е и млекото, јогуртот и млечните производи. Драстичен скок е забележан и кај маслото за јадење. Цените на месото и сувомеснатите производи континуирано расте, но сега од први месарите добија дополнителна причина за повисок раст на цените на своите производи. Зголемени се цените и на тестенините, оризот, на сите земјоделски производи, како на овошјето така и на зеленчукот. Ваквото драстично уривање на куповната моќ на граѓаните според одговорниот човек на владата за економските политики Фатмир Битиќи, не е резултат на престанокот на мерките, туку чиста манипулација од страна на трговци кои во ова кризно време се обидуваат да направат екстра профит на грбот на граѓаните. Официјално од Илинденска број 2 ни соопштија дека се работи  на нови мерки.

Од Владата за Денар велат дека ја следат состојбата со економската криза и подготвуваат мерки за поддршка, со кои ќе се олесни животот на граѓаните и стопанството во услови на зголемени трошоци.

„Во најкраток рок Владата ќе излезе со антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон оние на кои им се најпотребни и во согласност со последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност. Целта на Владата е да го задржи патот на постепена фискална консолидација, што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на економијата. Штом ќе бидат усвоени мерките на седница на Влада, јавноста ќе биде известена.“

Експертите од Finance Think сметаат дека потребни се нови државни мерки за граѓаните и фирмите.

„Мерки и понатаму се потребни. Меѓутоа од друга страна доколку ги погледнеме фискалните капацитети кои во голема мера ги потрошивме на Ковид-кризата и во почетокот на справување со оваа криза со што фискалниот простор ни е многу ограничен. Треба да бидат таргетирани кон граѓаните и компаниите кој се најпогодени и најзасегнати дали тоа ќе биде во форма на ваучери за најранливите категории или во форма на дополнителни даночни олеснувања на компаниите“, велат од Finance Think.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат власта дека сите основни трошоци за живот на граѓаните кои за кратко време двојно се зголемени. Во таква ситуација власта на СДСМ и ДУИ не ги продолжува мерките, туку во Собранието предлага формирање на втора компанија за игри на среќа. Симболиката е дека оваа власт се коцка со животот на граѓаните.

„Власта се правда и бара алиби во други, но вистината е дека во Македонија како во ниедна земја во регионот, се случува економска катастрофа. Имаме најнизок раст на БДП, имаме галопирачки раст на долгот, имаме една од највисоките стапки на инфлација, имаме половина милион жители кои живеат со 150 денари во денот и 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ понтецираа дека просечната плата веќе достигна 500 евра, што според нив претставува реализирање на едно од најголемите ветувања за граѓаните. Но податоците на синдикатот велат дека синдикалната потрошувачка кошничка за само еден месец е поскапа за 1300 денари. Покрај тоа сега се очекува и нова повисока цена на струјата за домаќинствата. Бензините и дизел горивото веќе една недела се продаваат по рекорди цени во државата. Никој не знае точно да каже до кога ќе се случува ова ценовно цунами. Само од Народната банка напоменаа дека е можно стабилизирање на цените кон крајот на оваа година. Но тоа не значи дека ќе се случи и намалување на цените на производите кои граѓаните традиционално ги набавуваат.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП