2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните во исчекување на новиот тарифник за струја. Трошаџиите ќе плаќаат повеќе,...

Граѓаните во исчекување на новиот тарифник за струја. Трошаџиите ќе плаќаат повеќе, одговорните ќе добиваат пониски сметки

Граѓаните во исчекување на новиот тарифник, со кои ќе се пресметува потрошувачката на електричната енергија. Експертите советуваат, пред да стапи на сила, надлежните институции да ги запознаат домаќинствата со новиот правилник и новите правила на пресметка на потрошувачката. Велат, граѓаните не се доволно едуцирани на ова поле и затоа јасно треба да знаат што ќе им се сервира од јули месец, кога и се очекува да почне да се применува.

-Очекуваме да добиеме јасна методологија, како ќе се пресметувааат најавените категории, бидејќи голем дел од населението не ги разбира инсталираните струјомери и нема да ги отчитуваат, ниту да пресметуваат колку потрошиле и по која цена тоа ќе биде фактурирано. Мора да се знаат однапред сите инпути и пресметки, за граѓаните однапред да се запознаат што ги чека и како ќе се одрази сето тоа на нивниот буџет, вели за “Денар”, Сања Божиновска- консултант по енергетика.

Божиновска смета дека земјава нема јасна стратегија за енергетика. Јасно е дека фокусот треба да биде на фотоволтаици, но вели во пракса е повеќе од јасно дека потребните дозволи се чекаат предолго.

-Од извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, може да се види дека има драстичен пад на производството. Затоа, се потребни долгорочни планирања во кои ќе бидат вклучени независни експерти, додава Божиновска.

Регуаторната комисија најави дека со новата цена на струјата во јули, домаќинствата ќе добијат и нов тарифник. Со него цената на струјата во скапата тарифа ќе зависи од тоа колку е потрошувачката. Комисијата заедно со експерти се уште работи на дефинирање на овој правилник. Она што се знае е дека со него нема да се чепка евтината струја. Таа ќе се пресметува како и до сега. Планот е да има неколку тарифни модели, три до четири. Од РКЕ уверуваат дека целта на овој тарифник е да се натераат домаќинствата струјата  да ја трошат рационално, затоа што има некои семејства кои енормно трошат и тие плаќаат исто како и оние кои паметно ја користат електричната енергија. Вакви тарифници веќе има во регионот, во Србија, Црна Гора и Косово. Но, освен земјава на ваков правилник во моментов работи и Албанија.

Во јули месец граѓаните ги чека и нова цена на струјата.  Дел од енергетските  компании веќе ги имаат доставено пресметките на трошоците до РКЕ, но каква ќе биде новата цена, најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ за домаќинствата. Уште неколку дена истекува и кризната  состојба  на пазарот со струја, но од ребалансот и од глобалните текови ќе зависи дали ќе биде продлжена, но ќе зависи и големината на финансиската помош од државата кон ЕСМ, за да се заштитат граѓаните од нови повисоки сметки за струја.

Предвидувањата на аналитичарите се дека на берзите цената на електричната енергија и оваа и следната година ќе остане висока, а тоа е показател дека и на домашниот пазар, не може да се очекува стабилизација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП