25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочнува Светскиот економски форум во Давос

Започнува Светскиот економски форум во Давос

Светскиот економски форум во швајцарскиот алпски град Давос започнува денес по пауза од две години, бидејќи пандемијата на коронавирусот спречи да се соберат политички и деловни лидери, експерти и активисти.

Не недостасуваат итни прашања што треба да се решат на годишниот состанок на Светскиот економски форум: зголемувањето на цените на храната и горивата, руската војна во Украина, климатските промени, сушата и недостигот на храна во Африка, нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните, автократските режими и пандемии.

Војната во Украина ќе биде клучна тема. Претседателот Володимир Зеленски ќе зборува денеска, на денот на отворањето, преку видео-врска од Киев. Во салата во Давос ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи на Украина и значајна делегација на други високи украински функционери.

Оваа недела ќе им се придружат и лидерите како германскиот канцелар Олаф Шолц, американскиот претставник за климата Џон Кери, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Светскиот економски форум е место каде се разгледува помошта за Украина

Поради руската војна против Украина, руските деловни и политички лидери не беа поканети во Давос оваа година.

Претседателот на Форумот – меѓународна невладина и лобистичка организација, Борге Бренде, рече дека голем број извршни директори и други деловни лидери ќе размислат како приватниот сектор може да ја поддржи Украина, во ситуација кога Русија го крши меѓународното право, меѓународното хуманитарно право и не се придржува од Повелбата на ОН“.

Не сите веруваат дека Давос е место каде може да се најдат решенија.

Десетици антикапиталистички демонстранти се судрија со полицијата во петокот во Цирих, најголемиот град во Швајцарија. Тоа е знак на антагонизам против економските елити кои ги обвинуваат овие групи дека го ставаат профитот над народот.

Полицијата употреби гумени куршуми и бибер спреј за да ја растера толпата од недозволениот собир.

Украина ќе привлече внимание на првиот ден од средбата. Сепак, климатските и еколошките прашања ќе бидат постојана тема, бидејќи форумот се осврнува на идните предизвици исто како и на сегашните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП