20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија не знае поинаку од функционирање во криза!

Македонија не знае поинаку од функционирање во криза!

Македонија се наоѓа пред нов предизвик, по сите овие кризи изминативе три години сега се подготвува и нова политичка криза. Што тоа ќе значи за економијата, и како ќе се одрази врз бизнисот? Како увертира опозицијата направи неколку дневна блокада на Собранието на Македонија, а сега најавува и масовен протест кој според нив треба да биде најава за нови предвремени избори. Колку економијата во земјава е подготвена за ново стопирање на проекти, планови, и останати дејствија кои едноставно не функционираат во време на криза. Денар подготви анализа со помош на луѓе експерти од областа на политикологијата и случувањата во законодавниот дом. Заклучокот е дека, државава всушност и не знае поинаку, од тоа да биде во континуирана криза.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски за Денар вели дека во овие три децении демократија во Македонија политичките партии не научија да спроведат конструктивна дебата, и да ги спротистават своите аргументи со политичките противници се со цел да се добијат најдобрите законски решенија кои ќе бидат од добробит за сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска, религиозна или идеолошка определба. Тоа што останува запаметено, додава аналитичарот Атанасоски се злоупотребите врз собранието од страна на било која опозиција за свои лични и партиски цели. Најчесто тоа се случувало токму преку блокади се со цел да го парализираат нормалното функционирање, за да се предизвика негово распуштање и предизвикување на предвремени парламентарни избори.

„Тоа е така, затоа што наместо „храм на демократијата“, македонскиот парламент, во овие триесет години буквално беше претворен во гласачка машинерија на владејачкото мнозинство (партиите кои го сочинуваат), и едноставно таму опозициските партии делуваат како своевиден парламентарен декор. Таа ниска, примордијална, би рекол и претполитичка (не)култура, никако да ја напуштиме и покрај тоа што сме веќе полноправна членка на НАТО алијансата, а се стремиме да ги почнеме европреговорите, под преттекст дека сме ги исполниле сите предуслови за тоа. Напротив, се уште политичкиот дијалог ни е на катастрофално ниско ниво и не соодветствува со стандардите на западните либерални и развиени демократии, ниту пак гледам јас надеж во догледна иднина тоа да се смени на подобро. Од постојаните блокади кои низ годините се перпетурираат како неподнослива леснотија на пратеничкото живеење, најголеми губитници како и секогаш ќе бидат граѓаните, од проста причина што, собраниските блокади предизвикуваат институционална криза, која прераснува во сериозна политичка криза, а таа предизвикува застој на нормалните економски текови, бизнис секторот страда и економијата е во грч„ вели аналитичарот Благојче Атанасоски.

Што се однесува до случувањето во собранието, повеќегодишниот известувач од законодавниот дом, новинарката Катерина Нешкова за Денар вели дека повеќе од една деценија собранието функционира во криза и се добива впечаток дека, за жал, тоа е единствениот начин на функционирање што го познаваат нашите парламентарци. Така да, бојкотот и опструкциите на опозицијата за да врши притисок врз власта за избори, или разноразни толкувања на деловникот, злоупотреба на европското знаменце или седници за гласање каде дисциплинирано е обезбедено мнозинство од страна на власта за да ја истера својата агенда ниту е нова, ниту ќе биде последна ваква состојба, додава Нешкова.

„Она што загрижува е што овој пат доаѓа во услови на светски кризи и по две години и онака нефункцинионално Собрание поради пандемијата или тесното мнозинство на власта. Запрепастува тоа што народните избраници и од двете групи, наспроти нивната реторика дека се прават во името и потребите на граѓаните, во своите постапки се држат строго до своите партиски агенди и пиар стратегии. Решението е во политички дијалог, меѓусебно преговарање и поголема тактичност на самите пратеници за секое законско решение. Во паралментатот има еден куп празни “дотерани” сали во кои може да седнат и заеднички да сработат добри закони. Тоа значи дека власта ќе мора да изнајде начин повеќе да соработува со опозицијата, додека опозицијата да биде конструктивна“, вели новинарката Катерина Нешкова.

Експертите ги критикуваат политичарите дека нивното однесување е многу недржавнички, непатриотски и контрапродуктивно. Преку нивното делување да се гледа чистиот партиско-политички интерес и намерите да се предизвикува политичка криза, која ќе се рефлектира врз секојдневното живеење на обичниот граѓанин. Сето тоа во ситуација на последиците од Ковид-19 пандемијата, новата енергетско-инфлациска криза предизвикана од руската воена агресија во Украина, која економијата и стопанството насекаде низ светот, а особено нас во Европа ги фрли на колена.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП