5 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Henkel“ очекува помал профит поради зголемените трошоци

„Henkel“ очекува помал профит поради зголемените трошоци

Производителот на познатиот прашок за перење од брендот „Persil“, „Henkel“ очекува помал профит оваа година поради растот на цените на суровините и дополнителните логистички трошоци.

Производителот на стоки за широка потрошувачка сега очекува профитна маржа во опсег од 9 до 11%. Претходно групацијата имаше поставено таргет за маржа на „ЕBITA“ (профит пред камати и даноци) од 11,5 до 13,5%.

„Henkel“ очекува дополнителни трошоци од околу 2 милијарди долари, се вели во соопштението на групата со седиште во Дизелдорф, а која се наоѓа на листата на „DAX“.

Компанијата сега очекува зголемување на цените на материјалите за околу 15%, а извршниот директор на групацијата Карстен Кнобел очекуваше зголемување до 10%.

„Ние досега немавме такви димензии“, беше цитиран тој во соопштението за медиумите.

„Ефектите од глобалната криза со Ковид-19 и екстремно напнатата ситуација на пазарите на стоки и глобалните синџири на снабдување се влошени со војната во Украина. „Henkel“ има намера да одговори на зголемените трошоци со зголемување на цените и мерки за ефикасност. Тие не можат целосно да ги надоместат зголемените трошоци“, се вели во соопштението.

Како и „Henkel“, целиот сектор на стоки за широка потрошувачка се бори со растечките цени и страда од проблеми со синџирот на снабдување. Војната во Украина ги зголемува и трошоците за енергија.

Дополнително, повлекувањето од Русија има негативно влијание врз извештајот на германската компанија. Во средината на април, среде агресивната војна, „Henkel“ ја прекина работата во Русија по долг период на двоумење. Производителот на „Persil“ инвестираше во Русија како ниедна друга групација од „Dax“. „Henkel“ генерира 5% од приходот на групацијата таму, околу 1 милијарда евра, а има 2.500 вработени во единаесет фабрики. „Henkel“ очекува „значително влијание“ врз неговите финансии поради повлекувањето, без да дава детали.

„Henkel“ ќе се повлече и од Белорусија, како што корпорацијата спомна скоро во најавата. Во источноевропската земја престанаа да работат и други германски групи.

Добар почеток на годината

И покрај песимистичките прогнози, групата производи за широка потрошувачка ја започна годината подобро од очекуваното. „Henkel“ оствари значителен органски раст на приходите од 7,1% на годишна основа. Аналитичарите очекуваа раст од четири проценти. Мотор на растот повторно е бизнисот со индустриски лепила, кој забележа раст од 10,7%. Бизнисот со лепила е значително попрофитабилен за „Henkel“  отколку продажбата на козметика или детергенти.

Како „Henkel“, и другите компании за стока за широка потрошувачка, како што се „Nivea Beiersdorf“ или „Unilever“, исто така работат добро. Компаниите се опоравуваат од пандемијата бидејќи потрошувачите повторно купуваат повеќе козметика како резултат на олеснување на мерките.

Сепак, компаниите главно имаат корист од поскапувањето, кое го пренесуваат на трговците и потрошувачите. „Henkel“, на пример, исто така вели дека растот главно се должи на многу силниот развој на цените, додека обемот е благо намален. „Unilever“ ги зголеми цените и за 8,3%, додека продажбата падна за 1%.

Поради растот на цените, „Henkel“ очекува помала добивка, но растечки приходи годинава. Компанијата со седиште во Дизелдорф сега очекува органски раст од 3,5 до 5,5%. Претходно прогнозата беше за 2 до 4%. „Henkel“ го оправдува ова главно со добро функционалниот бизнис со индустриски лепила.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП