23 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТФон Дер Лајен за новиот пакет на санкции: Ќе ги исклучиме руските...

Фон Дер Лајен за новиот пакет на санкции: Ќе ги исклучиме руските медиуми од просторот на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен денеска во Европскиот парламент ги презентираше деталите за шестиот пакет санкции против Русија поради нападот врз Украина, најавувајќи целосен крај на зависноста на Европската унија од руската нафта.

Според неа, новиот пакет ќе вклучува четири различни видови санкции.

„Постепено ќе го прекинеме снабдувањето со руска сурова нафта во рок од шест месеци и увозот на рафинирани производи до крајот на годината“, рече Фон Дер Лајен, што беше поздравено од членовите на Европскиот парламент, пренесува Ројтерс.

Шефицата на Европската комисија посочи дека новиот пакет, кој ќе биде усвоен во наредните денови, подразбира целосна забрана на увозот на руска нафта, и на морските и на кабелските цевководи, вклучително и сурова нафта и деривати.

-Нема да биде лесно. Некои земји-членки се во голема мера зависни од руската нафта. Но, ние едноставно мора да го направиме тоа, рече Фон Дер Лајен, претставувајќи го предлогот, за кој да стапи во сила потребна е согласност од сите 27 земји од ЕУ.

Покрај тоа, новиот пакет ги таргетира и високите руски воени офицери кои извршиле воени злосторства во Буча и Мариупол, рече Фон Дер Лајен, додавајќи: „Знаеме кој сте, нема да се извлечете“.

Според неа, третата мерка се однесува на исклучување на три големи руски државни медиуми од кабелската, сателитската или интернет мрежа на ЕУ, додава британската агенција, без да прецизира за кои радиодифузери станува збор.

„Веќе нема да им биде дозволено да ја дистрибуираат својата содржина во Европската унија, во која било форма, без разлика дали преку кабел, сателит, интернет или паметни апликации“, рече Фон Дер Лајен.

Таа ги нарече руските медиуми, кои ќе бидат исклучени од медиумскиот простор во ЕУ, „гласници кои агресивно шират лаги и пропаганда на рускиот претседател Владимир Путин“.

– Не треба повеќе да им даваме простор да ги шират тие лаги, додаде таа.

Исто така, како четврта мерка таа најави исклучување на најголемата руска банка Сбербанк од глобалниот СВИФТ систем на меѓубанкарски трансакции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП