19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИма време за скара, на први мај сите на протест за властите...

Има време за скара, на први мај сите на протест за властите да видат дека работничката класа постои!

Наместо на пикник Сојузот на синдикатите на Македонија го повика своето членство, работниците и граѓаните да излезат на протест кој ќе се оддржи на денот на трудот  – Први Мај. Оваа година нема да биде марш, туку протест, а синдикалците велат дека во име на вековната борба за работничките права, и општествени состојби во државата потребна е масовност на протестот за да се потенцира дека работникот повеќе нема да молчи.  

Сојузот на синдикатите на Македонија како најстар и најброен синдикат, оценува  дека протестот е единствен начин власта да го слушне гласот на  работниците и граѓаните. Тоа е така затоа што во изминатиот период социјални партнери на синдикалците, работодавачите и носителите на законодавната и извршната власт немаат слух како што велат за егзистенцијални прашања и проблеми на работниците. Синдикалците велат дека време е да им се каже на властите дека работничката класа постои и дека токому тие го даваат мандатот за одлучување и владеење, и затоа велат будно дека ќе ги следат нивните чекори, кои во последниот период според нив се безидејни, бесперспективни и ненавремени.

„Време е да им кажеме дека постоиме и на работодавачите чии производни процеси се реализираат преку нашиот труд и чии приход зависи од нашата квалитетна, брза и ефикасна работа, но при тоа инсистираме на повисоки плати, сигурни работни места, здрави и безбедни услови за работа. Со месеци наназад укажуваме на стагнирањето на развојот на државата и продлабочување на кризата во сите сфери на живеењето. Укажувавме на тоа дека огромен товар на последиците од економската, здравствената и енергетската криза, се прелеа единствено на грбот на работниците. Понудивме нови законски решенија, предложивме измени на колективни договори, но не наидовме на разбирање од нашите социјални партнери, а истите се обидуваат и да ги намалат веќе стекнатите работнички права како недела ден за неделен одмор и др.“, вели за Денар претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Кризата не ја предизвикаа работниците, туку тие се на работните места континуирано извршувајќи ги работните задачи. Но ставот сега е дека со моменталната висина на платите во услови на енормно зголемување на цените на основните животни продукти и потреби за опстанок на работниците е загрозен. Главното барање на ССМ е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор веднаш, вклучително од општиот работник до претседателот на Државата. ССМ од Владата бара потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор во кој ќе биде регулирано зголемувањето на платата како и враќање на изгубеното право на к-15, а истото го бараат и од Организацијата на работодавачи за потпишување на Општиот колективен договор за приватниот сектор. Синдикатот ја повикува Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето за зголемување на платите на работниците.

Ова се конкретните барања кои ќе бидат објавени на Првомајскиот протест:

–         Повисоки  плати, скалесто  усогласување на платите со порастот на минималната плата, намалување на сиромаштијата

–         Поголем број одржливи работни места, пристојна работа, здрави и безбедни услови за работа, социјална сигурност.

–         Почитување на човековите права и достоинство без дискриминација.

–         Aктивно учество во креирање на националните политики и стратегии, по пат на социјален дијалог.

–         Уредување на правата од работен однос со колективни договори  како акти во чие донесување активно, стручно и посветено учествуваме затоа што ние тоа го можеме.

–         Нов ЗРО и работно правното законодавство во државата да биде усогласено со европското и светското законодавство.

Според информациите, протестот има за цел да ги предупреди работодавачите и владата  дека работниците се незадоволни од нивниот игнорантски однос кон синдикатите, и поради тоа тие велат дека се чувствуваат запоставени и оставени на маргините на општеството.

„Притиснати сме и животно загрозени од стагнацијата на државата, не ги гледаме јасно чекорите кои сте должни да ги преземете за развој на економијата и општествените односи. Сите овие барања се наши остварени, сработени и на закон засновани, не има од сите дејности во тоа е нашата сила и нашата моќ, ние сме обучени, оспособени и информирани, го нудиме нашиот придонес, но бараме и целосно почитување на нашите работнички и граѓански права“, додава Димовски

ССМ ги повикува сите работници, братските синдикати, Конфедерации, Унии и Сојузи кои ги препознаваат вредностите на синдикализмот и имаат заложби за зголемување на платите да се приклучат во борбата заедно со семејството на ССМ, и заедно како семејство на рамноправни членови, синдикати, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат туку сакаат дирекно да се вклучат и на 1ви Мај 2022 година да излезат на голем синдикален протест на кој ќе се каже гласно дека зголемувањето на платите на работниците мора да се случи веднаш.

Првомајскиот протест ќе почне во 12.30 часот во Скопје пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје, а учесниците ќе се движат од синдикалната зграда кон Собранието, а потоа ќе продолжи кон седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанска комора на Македонија и ќе заврши пред Владата каде што ќе бидат упатени барањата на работниците.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП