15 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗРетро-електро: „Wiesmann Project Thunderball“ со 680 „коњи“ (ФОТО/ВИДЕО)

Ретро-електро: „Wiesmann Project Thunderball“ со 680 „коњи“ (ФОТО/ВИДЕО)

Германскиот производител на спортски автомобили „Wiesmann“, познат по своите роудстери во ретро стил со погонски системи на „BMW“, го претстави својот прв целосно електричен модел наречен „Project Thunderball“. Новиот модел го означува враќањето на компанијата на автомобилскиот пазар по многу години.

„Project Thunderball“ е роудстер со две седишта, со погон на задните тркала, опремен со батериска технологија од 800 волти. „Wiesmann“ го опишува „Project Thunderball“ како „првиот целосно електричен кабриолет роудстер“, веројатно игнорирајќи го фактот дека оригиналниот „Tesla Roadster“ беше претставен во 2008-ма година.

Во секој случај, автомобилот ги задржува препознатливите дизајнерски карактеристики на „Wiesmann“ со каросерија направена целосно од јаглеродни влакна.

Решетката со заштитниот знак на марката го зазема централниот дел на предниот дел на автомобилот, додека тркалезните фарови се вградени во „мускулестите“ браници.

Профилот е типичен за роудстерите, а надворешниот дизајн не навестува дека под каросеријата има електричен погон.

„Wiesmann“ не открива многу за механичката основа на автомобилот, но познато е дека електричниот погон е развиен во соработка со „Roding Automobile“.

Двата електромотори поставени позади произведуваат комбинирани 680 ks (500 kW) и 1.100 Nm вртежен момент. Значи, и покрај фактот што тежината на возилото е нешто повеќе од 1.700 килограми, односот тежина-моќ е 2,5 kg/ks.

Вртежниот момент се пренесува на задните тркала, а производителот тврди дека автомобилот може да забрза од 0-100 km/h за само 2,9 секунди.

Батеријата од 800 волти има капацитет од 92 kWh, а проценетиот радиус на движење со едно полнење е 500 km.

Покрај вградениот полнач од 22 kW, електричниот „Wiesmann“ нуди и можност за брзо полнење до 300 kW DC. Компанијата не го откри времето потребно за полнење на батеријата.

Полнењето се одвива и за време на возењето, користејќи го новиот „интелигентен регенеративен систем за сопирање“ со пет различни нивоа што може да се прилагодат со помош на сет лостови зад воланот, вели производителот.

Во внатрешноста има седум аналогни мерачи на таблата со инструменти кои го следат препознатливиот дизајн од претходните модели на „Wiesmann“.

Во новата, електрична ера, тие се комбинирани со дигитална инструмент табла и мултимедијален екран на допир поставен пониско на централната конзола.

Седиштата и деловите од внатрешноста се обложени со кожа, а за останатите внатрешни површини се употребени карбонски влакна, така што патничката кабина остава впечаток на луксуз и квалитет.

Моделот „Project Thunderball“ ќе се произведува во фабрика во Дилмен, Германија.

„Wiesmann“ не откри колку автомобили има намера да произведе, но моделот е веќе достапен за нарачка по почетна цена од 300.000 евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП