Владата и СОНК постигнаа согласност за зголемување на платите во основното и средното образование и во детската заштита. Денешниот договор вклучува согласност за почеток на наставата и почеток на работата на градинките од среда, 27 април, откако утрешниот ден претставниците на претседателството на СОНК и регионалните советници ќе ги информираат вработените во образованието и во детската заштита за постигнатиот договор.
Низ отворен дијалог, на состанокот со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, и на кој учествуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, со СОНК претставен од претседателот Јаким Неделков, придружуван од членови на синдикатот и од Сузан Флокен, директорка на Европската конфедерација на синдикати за образование, постигната е согласност за покачување на платата во образованието и во детската заштита за 12%, кое ќе биде реализирано со ребалансот на Буџетот и започне да се применува со јулската плата.

