24 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИГерманија ја национализира подружницата на „Газпром“

Германија ја национализира подружницата на „Газпром“

Германската влада ќе ја национализира подружницата на „Газпром“ во Германија и привремено ќе ја стави под контрола на федералниот енергетски регулатор. Ова го соопшти министерот за економија Роберт Хабек, откако рускиот гасен концерн минатата недела неочекувано објави дека се повлекува од „Газпром Германија“.

Министерството за економија во Берлин својот необичен чекор го оправдува со нејасните правни односи во снабдувачот со гас, пренесува Ројтерс.

Германскиот енергетски регулатор ќе биде повереник на „Газпром Германија“ до 30-ти септември.

„Владата го прави она што е неопходно за да обезбеди сигурност во снабдувањето со гас во Германија, вклучително и заштита на енергетската инфраструктура на земјата од одлуките на Кремљ“, рече Хабек.

„Газпром Германија“ управува со важни инфраструктурни објекти во земјата кои се клучни за снабдувањето со гас. Подреденоста на компанијата на државниот регулатор е од јавен интерес и е неопходна за да се обезбеди снабдување.

Во петокот „Газпром“ соопшти дека се разделува со својата германска филијала, но сѐ уште не е јасно кој ќе ја преземе контролата. Сепак, Германија беше пред случувањата, ставајќи ја под своја контрола.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП