Ниту кризата, ниту пак зголемените давачки за увоз на автомобили, не го намалија влезот на половни возила во земјава. Лани до ноември, во земјава се увезени 31.433 половни атомобили – покажува статистиката на Царинската Управа, која иако сме месец април се уште не го објавила бројот на увезени возила во декември лани, со што бројката на вкупно увезени „половњаци“ ќе биде уште поголема. Според статистиката вкупниот број на увезени возила до ноември бил 40.322, од кои само 5.307 биле нови.
Бројот од 31.433 увезени половни автомобили до ноември лани е поголем за над 7.550 возила од вкупниот број за цела 2020 година.
Податоците на Царината покажуваат дека за 13 години од 2009 година од кога е дозволен увозот на половни автомобили од странство до лани, во земјава се увезени неверојатни 372.512 половни возила. Или вкупно се увезени 483.426 автомобили од кои само 110.914 биле нови. Вкупниот број пак на регистрирани возила според Државниот завод за статистика за 2020 година изнесува околу 500.000. Математиката покажува дека низ патиштата во земјава најмногу се возат постари автомобили од кои голем дел се „полнолетни“ и се увезени од плацевите во странство.
Најголем увоз од дури 52.399 половни возила е направен во 2010 година, или само една година откако почна да се применува оваа можност во земјава. А вториот рекорд е направен во 2019 година, една година пред пандемијата и пред да важат новите правила за увоз, кои предвидуваа поголеми давачки. Тогаш се увезени 38.580 половни возила.
Иако не е целосна бројката за лани, таа со декември може да се приближи до овој втор рекорд на увоз од 2019 година. Инаку лани најголемиот увоз е направн во месец јуни од 3.974 половни возила, а слична е бројката и во март кога биле увезени 3.96 половњаци. Другите месеци бројките се движат по над 2.000 увезени половни возила.
Табела: Увоз на возила по години
ГОДИНА ВКУПНО УПОТРЕБУВАНИ
2021 40.326 31.433
2020 32.278 23.880
2019 48.969 38.580
2018 39.594 30.237
2017 31.486 22.964
2016 34.101 25.889
2015 29.931 23.196
2014 35.107 29.558
2013 35.157 29.560
2012 35.283 28.546
2011 42.527 34.326
2010 62.519 51.399
2009 16.151 2.944
ВКУПНО: 483.426 372.512
Извор: Церинска управа
С.А