26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Газпром“ повеќе нема да ја поседува својата германска филијала

„Газпром“ повеќе нема да ја поседува својата германска филијала

Рускиот гасен гигант „Газпром“ објави дека се повлекува од сопственичката структура на германската филијала по одлуката на Москва купувачите од „непријателските“ земји во иднина да плаќаат гас во рубљи, преку банка посредник во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека потпишал декрет со кој се бара од купувачите од САД, земјите-членки на ЕУ, Канада, Велика Британија и Швајцарија да плаќаат руски гас во рубљи од почетокот на април, преку банка посредник во Русија.

Клиентите во банката посредник мора да отворат посебна сметка и да ја отплатат сумата утврдена со договорот, главно во евра и долари. Банката потоа ќе ги продаде на аукција организирана од Московската берза и ќе ги префрли приходите во рубљи на сметката на добавувачот на гас.

Русија во листата на „непријателски“ земји ги вклучи и оние кои и воведоа санкции поради инвазијата на Украина. Германија ги отфрли промените во плаќањата, а нејзиниот министер за економија во четвртокот рече дека „Путин нема да ги уценува“, потсетува „Reuters“.

„Газпром“ вчера објави дека се повлекува од својот удел во „Gazprom Germania GMBH“ и други средства во Германија, вклучително и лондонската „Gazprom Marketing & Trading Ltd“, без да даде детали или објаснувања за таквата одлука.

Седиштето на „Gazprom Germania“ е во германскиот главен град Берлин, а негов единствен акционер е „Gazprom Export“, подружница на „Газпром“ во целосна сопственост. Нејзините основни деловни активности вклучуваат складирање, трговија и снабдување со гас, кој се користи како гориво во патниот и поморскиот транспорт, а исто така поседува и мрежа на бензински пумпи во Германија и Чешка.

Филијали во повеќе европски земји

Филијалата има и свои филијали, вклучително и во Швајцарија и Чешка, потсетува „Reuters“. „Gazprom Marketing & Trading Ltd“ преку соопштение објави дека ќе биде независен во деловното работење, како што беше и досега.

„„GM&T“ продолжува да работи самостојно. Ние набавуваме гас на европските пазари на големо како и сите други учесници на пазарот. Од првиот квартал на 2021-ва година не добиваме гас од Русија, според долгорочните договори“, посочуваат тие. „Во овој момент не сме во позиција да коментираме за новата сопственичка структура“, додаваат во соопштението.

Германскиот деловен дневен весник „Handelsblatt“ во четвртокот објави дека германското Министерство за економија размислува за експропријација на германските филијали на „Газпром“ и „Роснефт“ поради загриженоста за снабдувањето со енергија, забележува „Reuters“. Кремљ соопшти дека таквиот потег би бил кршење на меѓународното право.

Не е јасно дали излегувањето на „Газпром“ од сопственоста на германската филијала ќе влијае на снабдувањето со руски гас на Германија. Германија задоволува околу 40 отсто од енергетските потреби со увоз од Русија, наведува „Reuters“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП