29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКовид-вакцината ги катапултираше приходите и профитот на германскиот „BioNTech“

Ковид-вакцината ги катапултираше приходите и профитот на германскиот „BioNTech“

Германската биотехнолошка компанија „BioNTech“ го зголеми профитот и приходите во 2021-ва година благодарение на продажбата на вакцината против Ковид-19, која ги надмина очекувањата, покажа годишниот финансиски извештај.

Нето добивката скокна на 10,29 милијарди евра во минатата година, од 15,2 милиони евра во 2020-та година.

Приходите беа 18,98 милијарди евра, во однос на 482 милиони евра една година порано, покажа извештајот за деловните резултати во 2021-ва година.

Иновативната „mRNA“ вакцина против Ковид-19, развиена од германската биотехнолошка компанија заедно со американскиот фармацевтски гигант „Pfizer“, беше прва во ЕУ што доби регулаторна дозвола на крајот на 2020-та година.

„BioNTech“ ја потврди прогнозата за оваа година, според која очекуваат приходи од продажба на вакцини против Ковид-19 во опсег од 13 до 17 милијарди евра.

Потпишаните нарачки за испорака во 2022-ра година, како што забележуваат, сега изнесуваат 2,4 милијарди дози. Тие испорачале околу 2,6 милијарди дози во минатата година, 100 милиони повеќе од очекуваното, се вели во извештајот.

„BioNTech“ очекува да ги објави првите податоци за клиничките испитувања на вакцината прилагодена на омикронската варијанта во април.

Тие најавуваат и за 50 отсто повисоки средства за истражување и развој за оваа година, кои се движат од 1,4 до 1,5 милијарди евра.

Менаџментот на компанијата, управуван од нејзините основачи, Угур Шахин и Озлем Туречи, објави дека бара одобрение за програма за откуп на акции во вредност до 1,5 милијарди долари во следните две години. Предлагаат и исплата на посебна дивиденда од две евра по акција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП