26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтанови во Центар 1800, во Чаир 1200, во Струга достигна 1300 евра...

Станови во Центар 1800, во Чаир 1200, во Струга достигна 1300 евра за квадратен метар!

Цените на станбениот простор во земјава не запираат со рушењето на рекорди. Цените за метар квадратен во Скопје надминуваат и 1500 евра, во дел од туристичките места низ Македонија исто така цените вртоглаво пораснаа и речиси го достигниваат нивото на главниот град. Поскапи материјали, зголемени плати на работниците се само дел од причините кои ги наведуваат градежниците за ваквиот тренд. Освен кај новоизградените станови, по нови повисоки цени се продаваат и старите, реновирани станбени единици.

Нема крај на бранот поскапувања во градежништвото. Податоците кои Денар ги доби од Асоцијацијата на градежништво покажува дека за дури 30 отсто се зголемени цените на новоизградцените станови во земјава. Традиционално во трите најурбани скопски општини Центар, Карпош и Аеродром градежниците нудат најскапи станови. Уште во градба цената на метар квадратен на некои места надминува и 1200 евра. Готов стан во истите населби метар квадратен се продава по 1500 евра за новоградба. Оваа ситуација ја искористија и дел од жителите на овие општини и солидно реновиран стан тие продаваат и до 1300 ева за метар квадратен. Иако е доста скапо, интересот е голем велат од компаниите кои ги градат зградите, но истото го покажуваат и огласите каде се продаваат старите станови. Освен голема понуда секојдневно расте и побарувачката.

 „Материјалите за градба се енермно покачени. Да кажеме чената на челикот е 100 отсто зголемена, со оглед на тоа што челикот, поготово бетонското железо е најмалку покачено од сите метали, може да увидите каде се наоѓаме. Покачен е и бетонот, во последните месеци има покачувања и на цементот. Бетонот од 50-60 евра набавна цена сега под 75 до 80 не може да се набави“, велат за Денар од Асоцијацијата на градежништво.

Сериозно зголемување на цената на станбениот простор има и во останатите скопски општини. Како никогаш досега се гради во општините Чаир и Бутел. Во овој дел на Скопје цените исто така  се на рекордно ниво досега, за метар квадратен се потребни 1200 евра новоградба, а околу 900 за добро одржуван или реновиран стар стан. Ваквата состојба не се разликува ниту во градовите од внатрешноста. По брзиот раст на цените на становите може да се истакнат градовите на охридскиот брег. Струга е градот кој засилено го следи трендот на Охрид каде веќе еден метар квадратен се продава за 1400 евра, во Струга пак цените достигнаа 1300 евра за новоградба. Интерес во овие две општини имало особено во втората година од пандемијата, велат градежниците. Градежниците велат дека засега не можат да прогнозираат кога ќе заврши овој бран на поскапувања на становите.

„Граѓаните секогаш да внимаваат што купуваат. На понудена висока цена која излегува од нормала да не ја сметаат за релевантна, и да почекаат да помине оваа голема криза. Ние се надеваме дека за два до три месеци ќе дојде до стабилизација. Но сепак ние цениме дека има одредени отстапувања од онаа нормална цена која што секаде се нуди од одредени компании. А тоа се компании со не големо градежно искуство, туку најчесто се трговци кои својот бизнис го насочиле во градежништвото. Имаме информации дека во Хром се продаваат станови по 1400 евра или во Центар по 1800 евра, а тоа се нереални цени со огромни маржи. Препорачуваме населението да биде трпеливо и ќе ги препознае ваквите злоупотреби“, додаваат градежниците.

Според податоците на Државниот завод за статистика во јануари годинава се издадени 259 одобренија за градење, што е за 30 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5 767 024 илјади денари што е за 186 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 154 или 59% се наменети за објекти од високоградба.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП