вторник, 27 септември 2022
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Дејан Кекеновски, директор на компанијата Инфинити Енерџи ИТСС

Интервју со Дејан Кекеновски, директор на компанијата Инфинити Енерџи ИТСС

Пазарот нѐ препозна затоа што имаме тим и веруваме во квалитет

„Уште од првиот ден се соочуваме со големи предизвици, имајќи ја идејата да формираме квалитетен и компактен тим со којшто ќе се позиционираме на домашниот пазар во услови на силна конкуренција. Денес, само една година подоцна успеавме да бидеме препознаени како компанија којашто нуди знаење и квалитет“, вели Дејан Кекеновски, директор на компанијата Инфинити Енерџи ИТСС во Скопје, членка на Infinity International Group. 

Со 15 успешно реализирани проекти во областите на информатички технологии и енергетика, компанијата ја препознаа и странските партнери, па не е изненадување што Инфинити планира во следните пет години да прерасне во иновативен центар со широка експертиза.

Дали за вашиот влез на пазарот е примарно заслужен квалитетниот и стручен кадар којшто често го споменувате?

Апсолутно, од самиот почеток сме свесни дека создавањето на моќен и квалитетен тим којшто може да одговори на сите предизвици е навистина висока цел и наша најтешка задача. Среќни сме што денес имаме 22 професионалци, што ни дава поттик оваа бројка да ја дуплираме до крајот на годината. Всушност, нашата идеја е на ниво на групација македонскиот пазар да биде место кадешто кадровски ќе се регулираат и сервисираат проектите на регионално ниво. Квалитетниот кадар е клучен за сите планови и проекти и токму затоа луѓето отсекогаш биле главниот ресурс на ниво на целата групација.

По што е најпрепознатлива Инфинити Енерџи ИТСС во моментов? 

Веќе имаме голем број на проекти зад нас, но посебно сме горди на нашата платформа за електронско плаќање со којашто значително ги унапредивме системите за наплата на јавните претпријатија и компаниите во Скопје. Креиравме и систем за локални даноци и такси, којшто е дел од интегрираниот систем за управување со локалната самоуправа за значително олеснување на процесот на пресметка, проверка и плаќање на локални даноци и такси, како за општините и компаниите, така и за граѓаните. Ова решение овозможува брза, функционална и безбедна онлајн интеракција со општините, со максимална заштита на податоците. Исто така, за општините се олеснуваат процесите за регулирање на даноци на имот, даноци на промет со недвижнини, на наследство и подароци, за пресметка на надоместоци за уредување на градежно земјиште, за определување на надоместоци за закуп на комунална површина, и слично. Благодарение на ваквиот систем, и граѓаните и правните лица сега можат полесно да ги подмируваат своите обврски.  

Дали вакви или слични проекти се дел од вашите идни планови?

Се разбира, да. Овие проекти се, меѓу другото, дел од нашиот развоен план и на локално ниво и на ниво на групација. Досега неколку пати јавно сме ја комуницираленашата визија за отклучување на потенцијалот на домашните компании преку иновативни решенија со коишто ќе бидеме лидери во изградбата на модерен, дигитален јавен сектор. Сепак, голем дел од нашите планови го вклучуваат и реалниот сектор, бидејќи сакаме сериозно да се посветиме на овој сегмент, посебно кај малите и средните претпријатија. Сите наши досегашни анализи укажуваат на силна потреба за дигитализација и во оваа област.

Спомнувате и соработки и партнерства со големи, светски имиња во ИТ индустријата. Како дојдовте до овој статус? 

Имаме воспоставено одлична соработка со Microsoft како нивен регистриран партнер, а за хардверскиот и софтверскиот дел имаме соработка со Cisco, Dell, EMC, HPE, Lenovo, Veeam, Fujitsu, Fortinet, Bitdefender, Sophos, Veritas. Нудиме и вендорски решенија за софтвер со SAPкако нивен златен партнер, DMS – Hyland OnBase, CRM – Microsoft Dynamics 365 и други слични решенија. До ваквите статуси се доаѓа исклучиво со знаење и квалитет, затоа што тие се знак дека сте ги поминале најригорозните процедури и со понудениот квалитет сте докажале дека сте партнер од доверба. Во нашиот случај секако голема улога одигра и нашата групација чиишто членки веќе имаат долгогодишна соработка со големите светски имиња во оваа сфера. Зад нив веќе стојат илјадници успешни проекти во регионот, во областите на информатички технологии и енергетика.

Вашата компанија исто така стана дел од деловните и спортските манифестации во Скопје. Дали ова значи дека ќе се посветите и на општествено одговорно работење

Ние, како и целата наша групација сме свесни колку е важно општествено одговорното работење и колкав придонес може да даде компанија како нашата во правец на развој на целата општествена заедница. Токму затоа бевме спонзори на Македонскиот енергетски форум којшто ги собира на едно место реномираните компании во оваа област. Исто така, спонзори сме на женскиот ракометен клуб „Вардар“, затоа што сакаме да го промовираме спортот и да ги поттикнеме младите на здрав начин на живот, промовирајќи ги на тој начин сите вистински вредности. Компаниите од нашата групација веќе години наназад се дел од најголемите манифестации преку коишто помагаат на економијата, спортот, културата, на младите таленти, како и на здравствениот систем. Важно е да бидете вклучени во секој сегмент од работењето и заедницата во којашто живеете и работите и со којашто на некој начин заеднички дишете. 

Вашата компанија сепак се соочи со некои критики во медиумите коишто се обидоа да ве поврзат со одредени политичари и политички процеси. Како вие гледате на тоа? 

Не сум многу изненаден, сме биле сведоци на вакви случки и претходно. Штом ќе се појави на пазарот нова и квалитетна компанија, се случува да биде соочена со критики и негативни асоцијации. За жал, ваквите практики не водат никаде освен кон сопирање на развојот што предизвикува штета не само кај конкретната компанија туку и на целата домашна економија. Лично сметам дека конкуренцијата е нешто најздраво што може да ѝ се случи на која било компанија. Квалитетната конкуренција поттикнува постојан раст, напредок и желба да бидеме подобри и поуспешни, што е единствен пат до квалитетни и ефикасни решенија за доброто на граѓаните, економијата и целата заедница.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП