28 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПриходите на „Foxconn“ се намалуваат поради послабата продажба на смартфони

Приходите на „Foxconn“ се намалуваат поради послабата продажба на смартфони

Тајванската компанија „Foxconn“, најголемиот светски подизведувач за електроника, чии главни клиенти се „Apple“, објави пад на приходите од 6% на годишна основа во последниот фискален квартал. Ова е прв пад во последните пет квартали, а причина за тоа е падот на продажбата на производи за широка потрошувачка, вклучувајќи ги и паметните телефони.

Компанијата прогнозираше до 15% пад на приходите на годишна основа во четвртиот квартал поради влијанието на повеќе од една година недостиг на чипови, што влијаеше на производството на различни компании – од „Apple“ до „GM“.

Во четвртиот квартал, клучниот бизнис на „Foxconn“ со паметни производи за широка потрошувачка и електроника, кој вклучува паметни телефони, се намали меѓу 3% и 15%, соопшти компанијата.

Приходите од облак и мрежни производи, како и од компјутерските производи останаа непроменети, додека оние на одделот за компоненти се зголемија за повеќе од 15%.

Продажбата за кварталот беше споредлива со многу поуспешниот период од претходната година, кога побарувачката за паметни телефони и лични уреди скокна со развојот на пандемијата на коронавирусот.

Во ноември, претседателот на компанијата Лиу Јин-веи даде претпазлива прогноза за овогодинешниот бизнис во услови на неизвесност околу пандемијата, инфлацијата, политичките тензии и синџирите на снабдување.

Во средата, компанијата, официјално наречена „Hon Hai Precision Industry“, соопшти дека очекува приходите за првиот квартал, како и за годината, да забележат пад од 3% до раст од 3%. Аналитичарите очекуваат овогодинешниот приход да се зголеми за 1,2 отсто.

Во понеделникот, компанијата ја прекина работата во кинескиот град Шенжен како одговор на политиките на локалната власт во врска со Ковид-19. Таа најави и дека производството ќе го насочи кон други погони за да се намалат прекините.

Во средата, „Foxconn“ рече дека дел од нејзините активности во кампусите во Шенжен биле обновени.

Цената на акцијата на „Foxconn“ ја заврши последната сесија со раст од 0,5% пред објавувањето на финансиските извештаи, наспроти растот од 0,1% на поширокиот пазар. Од почетокот на годината вредноста на акциите на компанијата падна за 2,4%.

Нето добивката се намали за 3,4 отсто до 44,4 милијарди тајвански долари (1,55 милијарди долари) од октомври до декември на годишна основа. За споредба, просечната прогноза на 10 аналитичари беше 43,32 милијарди тајвански долари, според „Refinitiv“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП