8 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПриходите на „JD“ се зголемија за 23 отсто

Приходите на „JD“ се зголемија за 23 отсто

Втората по големина кинеска компанија за е-трговија, „JD.com“, забележа раст на приходите од 23% откако го зголеми бројот на клиенти и покрај зголемената конкуренција и забавувањето на потрошувачката, пишува „Bloomberg“.

Приходите од продажба се зголемија на 275,9 милијарди јуани (43,6 милијарди долари) во текот на кварталот до крајот на декември, во споредба со просечните прогнози на аналитичарите од 274,9 милијарди јуани. Компанијата пријави нето загуба од 5,2 милијарди јуани наспроти прогнозата за загуба од 80,5 милијарди јуани.

„JD“ и неговиот поголем конкурент „Alibaba Group Holding“ се под притисок од макроекономските предизвици, како и од развојот на конкурентите, како што се платформите за социјално вмрежување. Во февруари, „Alibaba“ го објави својот најслаб квартален раст на приходите од котацијата во 2014-та година. Во последниве месеци, „JD“ беше под притисок и од фактот што „Tencent Holdings“ објави план да дистрибуира најголем дел од своите акции во „JD.com“ како еднократна дивиденда – изненадувачко повлекување за долгогодишен инвеститор.

Онлајн империјата на милијардерот Ричард Лиу беше еден од ретките кинески интернет играчи кои избегнаа директен удар од кампањата на Пекинг за ограничување на технолошките гиганти. Всушност, „JD.com“ профитираше од она што се случи со додавање нови брендови, а други се вратија на својата платформа, како што се „Starbucks“ и „Estee Lauder“, откако кинеските антимонополски регулатори ја казниа „Alibaba“ со 2,8 милијарди долари и ја принудија компанијата да отфрли дел од нивните практики за ексклузивни услови за трговците.

Сепак, пазарната капитализација на „JD.com “се намали за околу 40% од врвот од 167 милијарди долари во минатата година на 97 милијарди долари. Цената на нејзината акција се зголеми за 1% за време на тргувањето во Хонг Конг во петокот, пред компанијата да ги објави своите финансиски резултати.

Годишните активни потрошувачи се зголемија за 21% до 569,7 милиони во 2021-ва година, иако тоа беше под очекувањата од 577 милиони потрошувачи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП