23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнтикризните мерки ќе бидат донесени денес, но сите освен власта се скептици...

Антикризните мерки ќе бидат донесени денес, но сите освен власта се скептици дека со нив ќе се решат проблемите на граѓаните и компаниите!

Додека дел од најавените мерки на владата ги поминуваат собраниските филтри, стопанствениците, експертите но и политичарите излегоа со свои оценки. Првичниот став на сите е дека мерките треба да дадат некаков резултат, но секако и дека постои простор за нивно надополнување и модифицирање. Опозицијата, во владиниот план дури препозна и дел од своите мерки кои ги поднесе во собранието, а тие заглавија во административните лавиринти во законодавниот дом. Кога точно на сила ќе бидат намалените ДДВ и акцизите на горивата зависи токму од народните избраници.

Пакетот на мерки кои го донесе Владата ќе има позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација, ова е првичниот став на Сојузот на стопански комори на Македонија во однос на новите економски мерки за граѓаните и компаниите. Според ова бизнис здружение, ситуацијата во која се наоѓаме е исклучително тешка и неизвесна, економските оператори велат дека немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго. Велат дека прогнозите за наредниот период се неизвесни, без голема доза за оптимизам за надминување на состојбите. 

„Го истакнуваме нашето барање за активирање на стоковите резерви кои се од круцијално значење во ваква кризна ситуација. Стоковите резерви треба да се дадат на бизнисите по соодветно ниска цена за да се искористат во производството и излезната цена на производот да биде соодветно пониска и подостапна за потрошувачите. Важно е да се обезбеди и субвенционирање на цената на електричната енергија за деловните субјекти. Посебна поддршка треба да има за микрo, малите и средните претпријатија кои се најголеми носители на економските активности во нашата држава, тие се најголеми вработувачи и воедно имаат најголем удел во бруто домашен производ, а се најчувствителни на негативните ефекти“, велат за Денар од ССК.

Од комората посочуваат дека важно е да се преземат мерки веднаш, да се искаже проактивност, да се носат брзи, квалитетни и ефикасни решенија за надминување на проблемите со кои се соочувава бизнисот. Потребна според нив е дополнителна помош од оваа најавената, и додаваат дека секако бизнисот потоа ќе врти, како и што секогаш тоа го правел преку повисоки плати и злолемена лојалност кон општествените вредности.

„Важно е да се фокусираме и на тоа што може да го направиме во насока на  поттикнување на домашното производство на храна бидејќи имаме одличен потенцијал за развој на земјоделството, да се поттикне зелената транзиција за обезбедување на обновливи извори на енергија и да се искористи можност која постои за привлекување на странски инвестиции бидејќи дел од големите компании поради прекинот во ланците на снабдување бараат нови локации за производството“, додаваат од ССК.

Универзитетскиот професот, и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ  Трајко Славески вели дека со најновите поскапувања во тековниов месец, кои никако да сопрат, најверојатно трендот на пораст ќе продолжи и ќе дојде до забрзана инфлација која полека станува двоцифрена. Според професорот граѓаните се прашуваат зошто владините мерки кои се прилично рестриктивни, како што е замрзнувањето на цените и ограничувањето на трговските маржи, не даваат резултати. Како потврда за тоа Славески вели дека стандардот на граѓаните секојдневно се намалува.

„Стапката на инфлација во Македонија во февруари на годишно ниво достигна околу 8%. Уште повеќе загрижува фактот што само за 28 дена во февруари оваа година цените пораснале за над 1%. Ваков пораст на цените, проследен со празни рафтови во маркетите, недостиг на нафтени деривати и колони пред бензинските пумпи, сме немале ниту за време на воениот конфликт од 2001 година, ниту за време на жестоката финансиска криза и рецесијата од 2007 – 2009 година. Ова што сега ни се случува го избегнавме и во рецесиските 2012 – 2014 година за време на Европската должничка криза. Мерките кои тогаш се превземаа за заштита на стандардот на граѓаните се покажаа ефикасни, а истовремено се помагаше и економијата. Сега граѓаните се со право исплашени и збунети“, вели Трајко Славески член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владеачката СДСМ пак со серија пофалби за објавените мерки. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска вели дека последниот сет од 26 мерки кој го донесе Владата е насочен кон заштита на стандардот, и намалување на трошоците на граѓаните. Партискиот став е дека со ваквиот план ќе се ублажи влијанието на ценовните шокови врз основните прехранбени производи.

„Ќе споменам дел од клучните мерки: ја укинуваме целосно стапката на ДДВ за основните производи храна, на 0%. Лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, шеќерот, месото, јајцата и оризот се опфатени со оваа мерка. Маржите на основните производи храна се замрзнати. Ги укинуваме царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи, и тоа од сите земји. Ја намалуваме акцизата за горивата и го намалуваме ДДВ за енергенсите од 18 на 10%. Целосно ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на гас, електрична и топлинска енергија. За ранливите граѓани се воведуваат парични ваучери од 3.000 денари“, вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.

Пакетот мерки според најавите ќе чини околу 400 милиони евра. Засега не се знае од каде ќе се најдат сите средства за негова реализацијата. Дел од парите ќе бидат обезбедени од државната каса, но поголемиот дел ќе треба да се обезбедат од домашни или странски финансиски институции.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП