27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Adidas“ останува оптимист за својот раст за оваа година

„Adidas“ останува оптимист за својот раст за оваа година

Компанијата за спортска опрема „Adidas“ предвидува силен раст за годинава, иако приходите од Русија и поранешните советски републики се на работ да се преполоват поради војната во Украина, пишува „Bloomberg“.

Приходите од продажба за годинава ќе се зголемат за 11 до 13% по постојани курсеви, бидејќи побарувачката за патики останува силна, соопшти германската компанија. Аналитичарите очекуваа зголемување од 9,5%. Цената на акциите на компанијата порасна за 5,7% како резултат на веста.

Компаниите за широка потрошувачка се соочуваат со геополитички предизвици додека излегуваат од две тешки години на пандемија. Руската инвазија на Украина беше остро осудена од голем дел од светот, а некои од најпознатите светски брендови, вклучувајќи ги „Adidas“, „Nike“ и „Puma“, објавија дека ги стопираат своите активности во земјата.

„Adidas“ рече дека војната во Украина загрозува 250 милиони евра приход, или половина од нејзиниот бизнис во Русија и регионот на Заедницата на независни држави. Ова ја одразува суспензијата на трговијата на мало и онлајн во Русија и претставува околу 1 процентен поен на раст на приходите од меѓународна продажба.

Во Кина, Хонг Конг, Макао и Тајван, „Adidas“ очекува раст на приходите меѓу 4 и 6 проценти. За споредба, лани растот таму беше 3%.

Странските брендови се борат да останат во Кина, главен двигател на растот, по речиси една година бојкоти од страна на потрошувачите и посебен третман на локалните компании, вклучувајќи ги „Anta Sports Products“ и „Li Ning“. „Adidas“ го смени шефот на својот бизнис во Кина претходно во оваа недела, назначувајќи директор кој веќе водел локален бренд во Кина.

Се очекува Северна и Јужна Америка да донесат најголем раст на „Adidas“, каде приходите од продажба ќе пораснат за 15-19%. Европа, Блискиот Исток и Африка, како и азиско-пацифичкиот регион ќе се зголемат за 14-16%, објави „Adidas“.

Компанијата планира да ги зголеми цените на своите производи со цел да ги покрие повисоките трошоци поврзани со проблемите со синџирот на снабдување.

Нето добивката на компанијата се очекува да порасне на 1,8-1,9 милијарди евра.

Акциите на компанијата изгубија околу една третина од вредноста во последната година. Тие работат полошо од оние на „Nike“ и „Puma“. Компанијата неодамна ја заврши продажбата на единицата „Reebok“ и најави нова програма за откуп на акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП