Diners Club Македонија се трансформираше во акционерско друштво без промени во сопствеништвото и со тоа станува прво и единствено финансиско друштво во земјата со ваква организациска структура. Трансформацијата која се случи на почетокот на минатиот месец, ќе обезбеди зацврстување и унапредување на пазарната позиција на компанијата, но и ќе ја зголеми нејзината транспарентност преку воведување попрофесионален организациски систем составен од управен и надзорен одбор и акционерско собрание.
„Горди сме што по повеќе од две децении успешна работа, го направивме овој навистина голем чекор за развојот на компанијата. Преобразбата на Diners Club Македонија во акционерско друштво пред сѐ ќе обезбеди зголемување на транспарентноста во однос на известувањето и исполнувањето на законските критериуми, што ќе резултира со зголемена стабилност на компанијата. Воедно, со ова ќе се отвори и можност за котирање на берза во иднина и дополнително финансирање преку емитување на нови акции, што ќе ги поддржи нашите заложби за континуирана експанзија“, велат од Diners Club Македонија.

