16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на горивата и натаму ќе рушат рекорди, фирмите пресметуваат нови трошоци,...

Цените на горивата и натаму ќе рушат рекорди, фирмите пресметуваат нови трошоци, владата засега не се откажува од својот дел, граѓаните на крајот ќе го платат цехот!

Полека стивнаа реакциите на граѓаните од одлуката за зголемување на цените на горивата. Социјалните мрежи беа преплавени со коментари и обвинувања дека државата не презема ништо и нема намера да им помогне на граѓаните и фирмите. Бизнисмените стравуваат дека трошоците енормно ќе им се зголемат, транспортерите веќе се во пресметки колку ќе поскапи испораката на стока. И опозицијата бара државата да се откаже од дел од колачот, а пак владата уверува дека нешто ќе смисли и ќе им излезе во пресрет на граѓаните и фирмите.

По два дена реакции на социјалните мрежи, граѓаните се смирија и ја прифатија реалноста дека во следниов период ќе плаќаат скапи горива. Војната во Украина си го стори своето, а доколку нема завршница во брзо време на оваа кризна состојба проблемите со скапите енергенски допрва ќе престојат. Освен граѓаните, први на удар од стопанството ќе биде транспортниот сектор, особено превозниците кои дистрибуираат стока. Асоцијација Макам-транс во изминатиот период достави до Влада и до останатите економски министерства  барање за воведување на краткорочни и долгорочни мерки за превозниците со цел да се избегне секаков директен и индиректен негативен ефект кој се предизвикува со зголемување на цената на нафтата и нафтените деривати. Превозниците велат дека од Владата добиле повратен одговор дека се известени сите надлежни органи да направат анализа на нивното барање и согласно тоа треба да се донесе одлука кои мерки би можеле да се применат.

 „Во периодот што следи, како и на состанокот кој асоцијацијата го има закажано со министерот за транспорт ќе се бара поддршка за одредување на субвенции за превозниците со цел ублажување на драстичниот скок на цените на нафтата и обезбедување на непречено полнење на фабрички вградените резервоари на возилата. Зголемувањето на цената на превозот во услови кога секојдневно ќе се менуваат цените на енергенсите не дава можност реално да се одредуваат и надоместуваат трошоците на превозот, особено ако се договараат превози со одложено плаќање на истите. Најголем скок на цените на производите е кај нафтата и нафтрните деривати, а тоа значи и зголемување на цените на сите стоки кои се земаат за превоз и подгревање на инфлацијата која веќе е стасана до 7 % според информации на Заводот за статистика“, велат за Денар од Макам -транс.

Од Организацијата на работодавачи сметаат  дека секое покачување на цените на енергенсите влијае на цените на чинење на производите кои ги произведуваат компаниите. Бизнисмените велат дека ќе се обидат трошоците да ги пренесат на нивните продажни цени. Енергенсите додаваат дека се многу значајни, прво во оние компании каде што се користат како енергенси во технолошкиот процес, во топилниците, или во металургијата. Потоа, додаваат дека транспортните трошоци кои се за сите компании многу значајни и на крајот тука се трошоците за греење или климатизацијата на објектите.

„Нема да има компанија која нема да биде погодена од ова зголемување на цената на горивата. Нашата препорака е секогаш да ги следиме пазарните законитости и не можеме ние со одредени мерки вештачки да ги нарушуваме тие пазарни законитости. Значи ако доаѓа до раст на цените во целиот свет, не може Македонија да биде исклучок“, велат за Денар од Организацијата на работодавачи.“

Од Владата добивме одговор во кој се наведува дека ја следат состојбата и промените во светските економски текови. Во најскоро време велат дека ќе излезат со мерки фокусирани на граѓаните и за задржување на ликвидноста на стопанството и на работните места, како и со мерки за ранливите категории за ублажување на ценовните шокови.

„Станува збор за најголемата криза во поновата историја со која заеднички ќе се справиме. Владата  во изминатиот период докажа дека има механизми, донесе низа мерки и обезбеди раст на платите, пензиите како и финансиска поддршка за компаниите. Ваквите политики дадоа резултат и превенираa посериозни ценовни шокови и со исти политики на одговорно владеење Владата продолжува и понатаму“, велат од Владата.

Опозицијата повторно со обвинување кон власта. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најновото покачување на цените на горивата го проценува како жесток социјален удар врз граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ бара да се намали данокот на додадена вредност за производите за исхрана и за топлинската енергија, односно парното да бидат со 0%. Дополнително, бараме и ДДВ за електричната енергија да биде 5% и во остатокот од 2022 година. Воедно, бараме владата да го заштити стандардот на граѓаните и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за покачување на платите во јавниот сектор согласно коефициентот на тежина на работната сила прифатен согласно колективните договори“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Наместо на секоја недела, Регулаторната комисија за енергетика сега во ова кризно време може да одредува и цена на горивата на дневна основа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП