26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВнимателно со „јунит линкд“ животното осигурување, постои голем ризик од загуба!

Внимателно со „јунит линкд“ животното осигурување, постои голем ризик од загуба!

Се зголемува бројот на граѓани кои ги раскинуваат договорите со осигурителните компании кои вложиле во полиса „јунит линкед“,  или поточно во продукт со кој средствата за осигурување живот се вложуваат во удели на инвестициски фондови чии цени зависат од берзански движења. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека будно и во континуитет ги следат случувањата, трендовите и процесите на осигурителниот пазар. Овој тренд според супервизорите е резултат на неостварени очекувања од приносите од вложувањата. Од овој осигурителен производ во моментов има 10 600 активни договори.

Податоците до кои дојде Денар покажуваат дека годинава што измина има особено изразен тренд на раскинување на договорите со кои осигуреници вложувале во „јунит линкд“ продуктот кај кој дел од средствата за осигурување живот се вложуваат во удели на инвестициски фондови чии цени зависат од берзански движења. Ова осигурување е релативно нов продукт кој се разликува од класичното осигурување на живот. Главната разлика е што премиите кои ги уплаќа договорувачот се инвестираат во ризични пласмани чија вредност варира. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека во значајна мерка овој тренд е резултат на неостварени очекувања од приносите од вложувањата, а можни се и состојби во кои наместо принос дошло до загуба на дел од вложеното. Преголемите очекувања веројатно се резултат и на искривената перцепција која е креирана во период на предпродажба или продажба на самиот продукт. Од Агензијата за супервизија на осигурувањето додаваат дека многу е веројатно дека претерано се потенцирале можни позитивни ефекти од вложувањата поврзани со високи приноси за сметка на реално можните негативни ефекти на кои не се имуни пазарите на капитал на кои се вложувало.

„Загриженоста ја темелиме на фактот дека лани вредноста на исплати е зголемена за 140% и тоа во најголема мерка е резултат на предвремено раскинати договори меѓу осигуреници и  осигурителните компании кои продаваат „јунит линкд“. Лани компаниите на барање на осигуреници кои ги раскинале договорите исплатиле 29,7 мил.денари/483.000 евра наспроти 12,4 мил.денари/202.000 евра во 2020 година. Статистиката на АСО покажува дека речиси 10% од просечниот број на активни договори лани биле прекинати и откупени кај јунит линкд осигурувањето“, велат за Денар од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

 „Јунит линкд“ – животно осигурување 2021

           -Склучени договори 2.726

           -Прекинати и откупени договори 941

           -Активни договори 10.628

Кај класичното осигурување живот во кое нема ризик за осигуреникот од вложувањето на средствата, учеството на прекинати и откупени договори во просечниот број активни договори е понизок од 6%. Од тука, од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека, оваа тенденција на пазарот на осигурување ја наметнува потребата од поажурно и поквалитетно информирање на сите потенцијални осигуреници во „јунит линкд“ продуктот.

Токму поради оваа причина  АСО, согласно со своите законски надлежности, подготви подзаконски акт или некој вид на правилник со кој компаниите за животно осигурување кои го продаваат „јунит линкд“ продуктот ќе имаат обврска детално и целосно да ги запознаат осигурениците со последиците од фактот дека тие го превземаат ризикот од вложувањето. Целта е сите потенцијални осигуреници целосно да го антиципираат ризикот врз нивните средства од вложувања кои директно зависат од трендовите на интернационалниот пазар на капитал.

Податоците велат дека во 2021 година имало вложувања во полиси за осигурување живот со „јунит линкд“ во вредност од 383 милиони денари. Лани имало исплатени бруто штети од безмалку 30 милиони денари, од тоа бруто исплатени штети како резултат на откуп 20,1 милиони денари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП