Берзите денеска повторно се во тешка ситуација без никакви индикации дека ќе се намалат штетните економски ефекти од војната меѓу Русија и Украина. Нафтата Брент повторно поскапе – за 2,48% на 126,26 долари – откако вчера силно скокна кога достигна речиси 140 долари. И цената на гасот достигна историски максимум од 3.600 долари
Снабдувањето на европските потрошувачи со руски гас и нафта е редовно. Сепак, берзите експлодираа бидејќи, по САД и некои земји од Европската унија, Јапонија се залагаат и за санкции против рускиот нафтен сектор.
Но, Германија предупредува дека нема брза замена за руската енергија.
„Федералната влада веќе неколку месеци работи на изнаоѓање алтернатива за руските енергенси со партнерите во Европската унија и пошироко. Но, тоа е невозможно да се направи преку ноќ. Затоа нашата намерна одлука е енергетските компании да продолжат да работат со Русија“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.
Додека зборуваме за посилни санкции, во некои европски земји литар гориво веќе е 2,5 евра.
Една унца злато чини речиси 2.000 долари, а цените на сите други метали растат. Ова не е изненадувачки бидејќи Русија покрива 40 отсто од светските потреби за платина, 7 отсто за никел и 6 отсто за алуминиум. Сето тоа се долгорочни договори и санкциите против Русија стануваат се поостри.
Русија предупреди дека може да го прекине снабдувањето со гас на Западот преку гасоводот Северен тек 1.
-Во врска со неоснованите обвинувања против Русија во врска со енергетската криза во Европа и наметнувањето на забраната за Северен тек 2, имаме целосно право да донесеме соодветна одлука и да воведеме ембарго за испумпување гас преку Северен тек 1, но досега ние не сме донеле таква одлука, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.