Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информира јавноста дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтени деривати на светските берзи бележат до сега незабележан рекорден раст кај сите нафтени деривати, и тоа: кај бензинот 10,990 %, кај дизелот 21,147 % , кај екстра-лесното масло 18,278 % и кај мазутот зголемување од 13,830 %.
„Од ден на ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори што влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичка состојба, која се одразува врз цената на енергентите, а со цел да се обезбедат сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информира Владата детално и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните. Нафтени деривати има во доволни количини, проблем е високата цена, но не само кај нас, туку во цела Европа. Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

