11 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа едно работно место во просек аплицираат 25 невработени граѓани!

За едно работно место во просек аплицираат 25 невработени граѓани!

Стопанствениците континуирано се жалат дека имаат проблем со работниот кадар, официјалните информации велат дека приватниот сектор нуди вработување за илјадници работоспособни граѓани.

Во време кога во земјава има речиси нешто над 140 илјади невработени лица кои активно бараат работа во Агенцијата за вработување, денеска има 5599 отворени огласи за вработување. Само за неколку дена бројот на слободни работни места беше речиси двојно поголем. Ланската година завршила со 7979 работни места за кои се барале работници да ги потполнат. Стапката на невработени според официјалните државни институции на крајот на ланската година изнесувала 15,2 отсто. Соодносот помеѓу потребата на нов кадар и невработените лица во државата, покажува дека во просек за едно работно место во реалниот сектор конкурираат 25 лица.

Во Агенцијата за вработување се бараат кадри и тоа, од техничка струка, мајстори, хигиеничари па се до менаџери и останати високи позиции во компаниите. Дел од фирмите објавиле колку плата нудат за работното место, а дел оставаат простор за договор. Дополнително, освен огласите за вработување  Агенцијата за вработување согласно оперативниот план, нуди и можност за отпочнување на сопствен бизнис, дава можност на невработените да поминат одредена обука, или разни тренинзи со кои полесно ќе дојдат до ново работно место.

„Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради Коронавирусот“, стои во документот на Агенцијата за вработување.

За разлика од податоците на Агенцијата за вработување, во извештајот на Државниот завод за статистика за слободните работни места во последните три месеци од 2021 година имало на располагање 7979 работни места за граѓаните од земјава. Највисока стапка на слободни работни места имало во  секторот Административни и помошни услужни дејности, додека најмала е регистрирана во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Компаниите со број на вработени од 10 до 49 имаат најмногу понуди на слободни работни места. Во однос на региони, Вардарскиот Регион има најголема понуда на работни места.

Најновите податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека  индексот на бројот на работниците во индустријата во јануари 2022 година, во однос на јануари 2021 година, изнесува 97. Веќе неколку месеци по ред се забележува намалување на бројот на вработени во производствените капацитети. Имено, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2022 година, во однос истиот месец лани бележи опаѓање од 2.7 %, во секторот. Во преработувачка индустрија има намалување од 2.5 %, а пак во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација намалување од 1.3 %. Официјалните податоци покажуваат дека според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јануари 2022 година, во однос на јануари 2021 година, бележи опаѓање кај Енергија за 5.1 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7.1 %, додека пораст бележи кај Интермедијарните производи, освен енергија за 1.0 %, Капитални производи за 1.9 % и Tрајни производи за широка потрошувачка за 5.1 %.

Државната статистика објави и намалување на бројот на невработени во последното тромесечие лани во однос на третиот квартал во 2021 година. Бројките покажуваат дека во Македонија има 937 482 граѓани кои се дел од активното население во државата. Од нив 795 276 лица се во редовен работен однос, а останатите 142 206 граѓани бараат ново вработување. Поразителен е фактот што покажува дека речиси дополнителни 800 илјади граѓани се водат како неактивно население, односно подолг период не бараат работа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП