Нова тешка година го очекува туризмот. Не само туристичките работници, туку со сигурност најголемиот дел од луѓето чекаа конечно да заврши пандемијата за да можат слободно да патуваат и да уживаат во туристичките дестинации. Но, новонастанатата ситуација на истокот од Европа донесе нова турбуленција во однос на плановите за патувања. Туристичките работници со крајни маки велат дека ќе бараат решенија и за овој предизвик.
Од Туристичката комора за Денар велат дека со најавата дека од 01.03 се олабавуваат мерките веднаш имало позитивен став кај граѓаните, а со тоа се зголемил и интересот за патување. Но, како што велат за жал со нападот над Украина повторно се јави страв кај луѓето за патување. Веќе има и откажување на аранжмани за 8-мо мартовските патувања поради страв од ситуацијата.
„Од кај нас нема многу патувања за Украина, за Русија има патувања но и тие не се масовни патувања. Но, нормално и тие малку што ги имаше сега заради револт кај граѓаните, а секако и страв се сведуваат на нула“, велат од туристичката комора.
Во однос на цените на аранжманите не се зголемени, но во иднина со растот на цените во секој сектор може да се очекува и покачување на цените во туризмот, велат од туристичките агенции. Но, засега туристичките агенции ги држат цените под контрола.
„Се надеваме дека и оваа криза ќе заврши во најбрз можен рок, пред се заради безбедноста на сите граѓани, а секако и заради одржување на економијата и враќање на туризмот во нормала. Две години веќе туризмот едвај опстојува, се надеваме овој пат нема да се докрајчи како кај нас така и на светско ниво, туку обратно повторно ќе се врати како во 2019 година и ќе биде еден од главните двигатели на светската економија“, велат туристичките работници.
Во последните неколку години туризмот е една од најчуствителните индустрии. Од Министерството за економија под чија надлежност е и туристичкиот сектор велат дека војната во Украина со сигурност ќе влијае врз туризмот во Македонија. Надлежните, за Денар велат дека ја следат ситуацијата и согласно информациите заклучно со 03.03.2022 година има многу мал број на откажувања на аранжмани.
„Претежно се аранжмани од Полска додека од Украина и Русија немаме информации дека претходно имало поголеми резервации имајки предвид дека туристичките посети од овие земји претежно се индивидуални посети“, велат од Министерството за економија.
Според информациите, Министерството за економија во текот на оваа година посочи дека ќе се фокусира во креирање на Нова стратегија за развој на туризмот во земјава. Целта е брендирање на Македонија како безбедна и еколошка туристичка дестинација, со посебен акцент да се даде на поддршка на развој на рурален и алтернативен туризам. Податоците пак на Државниот завод за статистика, во 2021 година имало 7.474 туристи од Русија и тие оствариле вкупно 16.436 ноќевања додека од Украина имало 9.927 туристи, а тие пак остватиле вкупно 14.205 ноќевања.
И.П