18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМатичните лекари денеска повторно на штрајк, ќе примаат само итни случаи

Матичните лекари денеска повторно на штрајк, ќе примаат само итни случаи

Две недели по предупредувачкиот прекин на работата, матичните лекари денес повторно го активираат штрајкот. Ќе прегледуваат само пациенти кои се итни случаи и нема да работат преку системот „Мој термин“.

Претседателката на Здружението на приватни лекари на Република Македонија, Лилија Чолакова-Дервишова, вели дека веќе ги повикала своите пациенти денес да си подигнат хронична терапија оти утре нема да дава рецепти.

„Трпеливо чекавме две недели, но ништо не се случи. Најавата дека министерот ќе формира работна група за решавање на проблемите кои ги имаме сама по себе не значи ништо. На решавање на проблемите не се работи, игнорантскиот однос продолжи. Управниот одбор на Здружението одлучи утре да го активираме штрајкот оти тоа ни е единствениот начин да извршиме притисок да почне да се зборува за нашите проблеми. Нема да прегледуваме пациенти освен итните случаи и нема да работиме преку системот ’Мој термин’’, вели претседателката Чолакова- Дервишова за „Макфакс“.

Барањата на матичните лекари се покачување на капитациониот бод барем на 75 денари од ветените 95 за да можат да се справат со сите покачени трошоци, бараат укинување на казните за пропишување лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа, а на листата додадоа и да не се бара акредитација на амбулантите оти веќе биле акредитирани од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од Министерство за здравство, од Лекарска комора и од Фондот за здравство и да не се врши никаква активност за Агенцијата за заштита на лични податоци од каде им побарале по 15.000 денари за да ги обучат како да ги чуваат здравствените картони.

Управниот одбор на Здружението разгледувал повеќе начини за штрајк. Имало предлози ординациите да ги затворат на пет дена, но овој пат, одлучиле да ја прекинат работата само на еден ден, како и пред две недели, а за следите чекори дополнително ќе одлучуваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП