7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСлух од власта или протести - администрацијата не се откажува од скалестото...

Слух од власта или протести – администрацијата не се откажува од скалестото зголемување на платите

По зголемениот минималец, административците не се откажуваат од скалесто зголемување на останатите плати во јавниот сектор. Итни средби, измени во Закони и почитување на колективни договори, се дел од барањата на синдикатите кои ги застапуваат вработените во администацијата.

Сидникатите кои ги застапуваат вработените во администрацијата со заеднички сили ја почнаа битката за поголеми плати согласно зголемениот минималец. Дел од нив остварија средби со владини претставници, дел чекаат допрва властите да ги повикаат на состанок. Сите со исто барање, зголемениот минималец треба да значи и зголемување на останатите плати согласно растот. Од САДУ најавија период на договори, а доколку нема слух членството ќе почне со радикално делување.

„Ако се дозволи и во иднина административните, судските и јавните службеници на повеќе нивоа со различна сложеност на работни места, како што беше и досега, да земаат минимална и под минималната плата што е случај само во јавниот сектор, без да се направи пропорционално покачување на платите, ќе дојде до големо незадоволсто на нашето членство. Ве уверуваме дека ако тоа не се случи со мартовската плата, која што треба да биде исплатена во април, од кога и почнува да се исплаќа новата минимална плата, под притисок на нашето членство ќе донесеме одлука за легитимно радикално синдикално делување“, велат од Синдикат на администрацијата и државната управа (САДУ).

И синдикатот кој ги застапува вработените во судската администрација, покрај скалестото зголемување на платите, бараат измени во Законот за државни службеници. Повикувајќи се на овој закон дека дел од вработените во судовите земаат плати и под минималецот.

„Скалесто зголемување на платите во администрацијата и правосудството, измената на посебните закони кои ги регулираат платите во администрацијата и правосудството и проблемите на вработените во центрите за социјална работа се главните барања. Вработените во управата и правосудството треба да добијат скалесто усогласување на нивните плати со новата вредност на минималната плата, а доколку вакви измени не се направат во најбрз можен рок ниту оние вработени кои се најмногу погодени (референтите) нема да можат да ја добијат минималната плата, велат од Синдикат на работниците од управата на правосудните органи (УПОЗ)“.  

Министерството за труд како ресорно, најавува дијалог со засегнатите страни. Прашањето за покачување на платите во администрацијата ќе биде отворено на владина седница, бидејќи стандардот на работниците се приоритет на Владата посочуваат од министерството.

„Ние ќе продолжиме да ги решаваме предизвиците. Јавната администрација ја има нашата поддршка, бидејќи само професионална и задоволна јавна администрација е продуктивна. Социјалниот дијалог и социјалното партнерство мора да постојат, затоа  прашањето за покачување на платите во администрацијата, ќе го отвориме заедно. Ние ветивме дека ќе го отвориме и прашањето за бодовите во колективните договори“, велат од Министерство за труд и социјална политика.

Зголемената минимална плата се калулира од овој месец со исплата на априлските плати. Дел од синдикатите дадоа рок прашањето за скалестото зголемување на останатите плати да се реши најдоцна до 15-ти во месецов, инаку најавуваат протести и штрајкови на работните места. Растот на платите оди согласно потпишаните колективни договори кои ги имаат сидникатите. 

Ч.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП