20 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗ„Fisker“ го претстави кросоверот „Ocean“, нов електричен автомобил на европскиот пазар (ФОТО/ВИДЕО)

„Fisker“ го претстави кросоверот „Ocean“, нов електричен автомобил на европскиот пазар (ФОТО/ВИДЕО)

Моделот „Fisker Ocean“ ја имаше својата европска премиера на Светскиот мобилен конгрес во Барселона.

Од компанијата наведуваат дека почетокот на производството е закажан за ноември и дека набргу потоа автомобилот ќе пристигне на пазарите во одбрани европски земји.

Засега Австрија, Данска, Франција, Германија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство се на листата земји каде што ќе се продава „Ocean“.

Како што може да се види на фотографиите, „Ocean“ е електричен кросовер со модерен дизајн и едноставен ентериер во кој доминира централно поставен дигитален екран на допир од 17,1 инчи.

На овој начин, „Fisker“ го следи трендот инициран од „Tesla“ во дизајнот на ентериерот, а интересно е што екранот налик на таблет може да се ротира за 90 степени.

Автомобилот, меѓу другото, е опремен со „LED“ предни и задни светлосни групи, панорамски стаклен покрив, задна врата што се отвора и затвора со електрична контрола, како и 20-инчни алуминиумски тркала.

Клиентите исто така ќе имаат пристап до системот „PowerBank“ кој има надворешен приклучок, така што автомобилот може да се користи за напојување на други потрошувачи со електрична енергија од батеријата (на пример, кампување или дома во случај на прекин на струја), како и за полнење на други електрични возила.

Опремата вклучува и внатрешен дигитален ретровизор и аудио систем „Harman“ со осум звучници.

„Fisker Ocean“, исто така, располага со низа стандардни системи за помош на возачот, вклучувајќи автоматско итно сопирање, следење на мртвата точка, помош за задржување на лента, помош при паркирање и технологија за препознавање сообраќајни знаци.

Ќе бидат достапни неколку опции за погон, а почетниот „Ocean Sport“ има електричен мотор со погон на предните тркала кој произведува 279 ks (205 kW). Ќе се напојува од батерија која му овозможува на кросоверот да помине до 440 километри, според циклусот „WLTP“.

Следен на ред е „Ocean Ultra“, кој има систем за погон на сите тркала и два електрични мотори со вкупна моќност од 548 ks (403 kW). Во оваа верзија, автомобилот од 0-100 km/h забрзува за само 4,2 секунди, додека поголемата батерија овозможува автономија од приближно 610 km.

На врвот на понудата ќе бидат „Ocean Extreme“ и „Ocean One Launch Edition“. И двата имаат напреден погон на сите тркала и систем со два мотори кој развива 558 ks (410 kW), што им овозможува да забрзаат од 0-100 km/h за 3,9 секунди.

Големата батерија треба да им овозможи опсег од околу 630 km.

Цените варираат во зависност од земјата, па така „Ocean“ во Велика Британија започнува од 34.990 фунти, додека во Германија се продава по почетна цена од 41.560 евра, а во Франција чини 41.900 евра. Цените се без субвенции.

Сите детали ќе бидат објавени пред почетокот на продажбата, а „Fisker“ веќе добива резервации за овој автомобил во споменатите земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП