26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКазино „Фламинго“ хотелот во Гевгелија станува домаќин на традиционална крводарителска акција

Казино „Фламинго“ хотелот во Гевгелија станува домаќин на традиционална крводарителска акција

Со успешна крводарителска акција, казино „Фламинго“ хотелот во Гевгелија востанови благородна и хумана традиција за крводарителски акции. Својата хуманост на дело ја покажаа повеќе од 50 вработени, како и граѓани доброволци, при што беа обезбедени 56 единици крв.  

„Со оваа крводарителска акција го најавуваме почетокот на традицијата на нашиот хотел во соработка со Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина за годишна акција за дарување крв. Интересот за оваа хумана активност кај вработените беше голем и повеќе од 50 вработени доброволно се пријавија за дарување. Со ова уште еднаш покажуваме дека сме компанија која што е хумана, која што сака да помага, општествено одговорна и секаде каде што можеме подаваме рака. Се надеваме со нашиот скромен придонес ќе помогнеме некому кому му е тоа потребно,“ изјави по повод крводарителската акција, Елена Минева од казино „Фламинго“ хотелот во Гевгелија.

Од страна на Општинската организација на Црвен крст- Гевгелија, казино „Фламинго“ хотелот доби благодарница за покажаната општествена одговорност и несебичната поддршка и помош во развој на хуманитарната акција.

„Крводарителството е синоним на Црвениот Крст, а ние како негови претставници ја покажуваме неговата хумана страна заедно со една општествено одговорна компанија како што е „Фламинго“. Голема чест е да се соработува со луѓе кои што имаат иста визија за доброто на граѓаните. Се надеваме дека ваквата акција ќе биде пример дека секој еден од нас ќе дарува крв бидејќи секоја капка крв може да спаси човечки живот“, вели Лазар Мешков, секретар на ОО Црвен крст Гевгелија.

Казино „Фламинго“ хотелот е и меѓу компаниите кои што го помогнаа и отворањето на нови простории за општинската организација на Црвениот крст во Гевгелија.

Првата крводарителска акција во казино „Фламинго“ хотелот се одржа во ноември 2020 година како продолжување на хуманитарно-донаторски активности кои Групацијата Новоматик Македонија и Апекс Македонија ги реализираше од почетокот на светската пандемија со Ковид-19.

За време на Ковид-19 пандемијата казино „Фламинго“ хотелот во Гевгелија со одлука на менаџментот беше отстапен на здравствените власти за карантин, а во јавните здравствени установи беа донирани болнички кревети и медицински материјали во вкупен износ од 200 илјади евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП