18 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАтлантик Група финансираше селективно собирање на 1140 тони амбалажен отпад кој се...

Атлантик Група финансираше селективно собирање на 1140 тони амбалажен отпад кој се рециклираше преку системот на Пакомак

Често се вели дека чистата животна средина е сечија обврска – без разлика каква е нашата улога во неа. Оставајќи позитивен пример зад себе, Атлантик Група и оваа година ја покажа својата општествена и еколошка одговорност преку финансирање на собирањето на 1140 тони амбалажен отпад кој беше испратен на рециклирање преку системот за рециклирање на Пакомак.

Овие две компании имаат многу различни одговорности и делуваат во различни индустрии, но нивната општествено-еколошка цел се базира на идентички вредности – обезбедување на здрава и чиста животна средина преку воспоставување на долгорочна, еколошка стратегија.

Атлантик Група е една од најголемите FMCG компании во регионот која има свој производен погон во нашата земја, каде се произведува популарното Гранд кафе, а нејзините брендови како Аргета, Кокта, Смоки, Најлепше Жеље и слично, исто така можете да ги најдете на домашниот пазар. Во изминатите години таа воспостави успешна соработка со компанијата за управување со отпад Пакомак и на тој начин обезбедува дека отпадот од производство и од пакување завршува на вистинското место – онаму каде што секој реупотреблив материјал ќе се преработи и употреби како дел од нов предмет или амбалажа. Според податоците обезбедени од базата на Пакомак, во изминатата 2021 година Атлантик Група финансирала собирање на 1140 тони амбалажен отпад и на тој начин „избриша“ голем дел од својот „јаглероден отпечаток“. Само за споредба: рециклирање на еден тон хартиен отпад е еднакво на зачувување на 17 дрвја, а рециклирање на еден тон пластика резултира во зачувување на 5,774 Kwh енергија, доволна за да се напојува со енергија едно просечно домаќинство скоро цели 9 месеци.

Заложбата кон рециклирање на употребените материјали и амбалажниот отпад значи и заштеда на големи количества енергија и средства потребни за да се произведат овие материјали, а преку пренамена и реупотреба на материјалите се поттикнува одржливоста на Атлантик Група. Ваквите еколошки пракси се применуваат на ниво на целата групација и претставуваат дел од политиката на компанијата.

Преку воспоставување на долгорочни одговорни пракси и здраво работно опкружување, Атлантик Група се залага за одржлив развој, и токму затоа уште одамна одлучи да преземе конкретни чекори за зачувување на животната средина, совесно и етичко користење на енергетските извори, правилно одложување на отпадните води и материјали, придружено со континуирана поддршка за локалната заедница. Дел од оваа иницијатива беше и приклучувањето на системот на Пакомак, преку која амбалажниот отпад и отпадот од производство се собира, селектира и потоа рециклира за да биде реупотребен.

Системот на Пакомак се протега низ територијата на целата земја и ги опфаќа сите компании што имаат обврска да го менаџираат својот отпад од пакување и што се свесни за својата општествена одговорност за обезбедување поздрава животна средина. Во рамките на Пакомак, новите компании-членки имаат еднаков третман како и компаниите-основачи. Собраниот амбалажен отпад финансиран од Атлантик Група претставува околу 4% од вкупниот собран амбалажен отпад на територијата на Република Северна Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП