3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто предлогот за исклучување на Русија од SWIFT предизвикува поделби?

Зошто предлогот за исклучување на Русија од SWIFT предизвикува поделби?

Велика Британија предлага да се блокира пристапот на Русија до платежната мрежа SWIFT поради нападот врз Украина, но европските земји се двоумат, а САД не се склони да го сторат тоа, додека критичарите предупредуваат на економските последици и сомнителната ефекасност на мерката.

„Британија сака да го блокира пристапот на Русија до SWIFT, но за жал ние не го контролираме. Тоа не може да биде еднострана одлука“, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас за Би-Би-Си.

Исклучувањето на Русија од системот што го користат илјадници банки ќе му нанесе тежок удар на рускиот банкарски систем, оневозможувајќи им на банките пристап до пари.

Владите на многу други земји стравуваат дека тоа ќе им наштети на нивната економија и компании, бидејќи ќе предизвика големи нарушувања, на пример, во снабдувањето со руска нафта и гас.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер во петокот рече дека исклучувањето треба да биде „последна опција“, а Германија го отфрли предлогот.

Некои пратеници во американскиот Конгрес бараат забрана, но претседателот Џо Бајден вели дека повеќе се залага за други санкции, пред се затоа што исклучувањето на Русија од SWIFT ќе влијае на другите земји и нивните економии.

SWIFT (Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication) е глобален финансиски канал кој овозможува непречен и брз трансфер на пари преку границите.

Функционира како систем за брза размена на пораки што го известува корисникот кога се испратени пари и кога се депонирани на сметката.

Основана е во 1973 година во Белгија и поврзува 11.000 банки и институции во повеќе од 200 земји. Преку него, дневно помнуваат повеќе од 40 милиони пораки за околу 1.000 милијарди долари меѓу компаниите и владите.

Се смета дека руските плаќања сочинуваат повеќе од еден процент од пораките.

SWIFT беше основан заеднички од американски и европски банки, за ниту една од нив да не развие сопствен систем и на тој начин да добие монопол на прекуграничните трансфери на пари.

Денес, мрежата е во заедничка сопственост на повеќе од 2.000 банки и финансиски институции.

Го надгледува белгиската централна банка во партнерство со водечките централни банки од целиот свет, вклучително и американската ФЕД и Британската централна банка.

SWIFT им обезбедува на своите членови сигурна меѓународна трговија и не треба да зазема страна во конфликти.

Сепак, на Иран му беше забранет пристапот до SWIFT во 2012 година, како дел од санкциите поради неговата нуклеарна програма. Тие изгубија речиси половина од приходите од извозот на нафта и 30 отсто од надворешната трговија.

Доколку Русија се исклучи од SWIFT, руските компании би го изгубиле пристапот до вообичаените и тековните трансакции што ги дозволува SWIFT и би им било тешко да наплатат за нивните вредни енергенси и земјоделски производи.

Банките веројатно би морале да работат директно меѓу себе, што би предизвикало одложување на трансакциите и дополнителни трошоци и на крајот би и ги скратило приходите на руската влада.

Русија речиси остана без пристап до SWIFT откако го анектираше Крим во 2014 година. Москва тогаш рече дека потегот ќе биде еднаков на објавување војна.

Западните сојузници не ја спроведоа заканата, но Русија последователно одлучи да развие сопствен систем за прекуграничен трансфер на пари, кој сè уште е во зародиш.

За да се подготви за ваква санкција, руската влада воспостави “Мир”, Национален систем за плаќање со картички, но тој моментално го користат многу малку земји.

Исклучувањето на Русија од SWIFT ќе им наштети на компаниите кои извезуваат стоки во Русија и купуваат од Русија, особено Германија.

Поранешниот руски министер за финансии Алексеј Кудрин оцени дека исклучувањето на Русија од SWIFT може да го намали нејзиниот БДП за пет проценти.

Прашањето е дали блокирањето на пристапот до SWIFT на долг рок би влијаело на руската економија. Руските банки би можеле да ги пренасочат плаќањата преку земји кои не воведоа санкции кон Москва, како што е Кина, која има свој систем за плаќање.

Компаниите со побарувања од Русија, пак, ќе бидат принудени да најдат алтернативни канали за наплата.

Ризикот од хаос во меѓународниот банкарски систем е едноставно преголем, велат некои.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП