Конфликтот меѓу Русија и Украина ќе се почувствува и во земјава. Ударот ќе биде зададен најмногу кај гасот, а се очекува да биде помал кај струјата, сметаат дел од познавачите. Велат нашата држава е мала и е зависна од увоз на енергенси.

-Очекувано е да се одрази, но повеќе тоа би било кај гасот, а помалку кај струјата. Но, мора да се следи дали ќе се постигне некој дипломатски договор. Ние сме мали како држава и овие случувања, е очекувано да имаат влијание кај нас. Но, ако домашното производство, односно ако ЕСМ произведува струја и има резерви од хидро, нема да бидеме толку зависни од струја, а гасот може или да го снема или да биде многу скап. И дополнително, ако Германија го стопира Северен тек 2, тоа ќе има сериозни последици врз цела Европа, првенствено со испораката на гасот, вели за “Денар” Сања Божиновска, консултант по енергетика.
Според професорот Антон Чаушевски, рестрикции на струја поради кризата на истокот не се очекуваат, но секако дека ќе има влијание.

-Ние немаме многу што да правиме ниту да превземеме, освен будно да ја следиме ситуацијата и да постапуваме согласно случувањата. Веднаш по потегот на Русија, цените на енергенсите на берзите бележат сериозен скок, а ние сме увозно зависни, така што очекувано е да има влијание. Државата сега помага и кај проблемите со струјата, но и со гасот. Сепак, не се знае до кога ќе може тоа да го прави. Во однос на цената на струјата, не верувам дека ќе има поместувања до јуни, односно до редовната корекција и добро е што полека излегуваме од зимата и одиме кон пролет, додава Чаушевски.
И министерот за економија Крешник Бектеши, вчера посочи дека не верува дека руско-украинската криза ќе донесе рестрикции на струја во земјава, но дека е можно да има влијание врз цената на електричната енергија. Рече дека цените на берзите драстично се зголемиле, особено на Hupx берзата.
Сепак, посочи дека во моментов намалена е и потребата од увоз на струја, а обезбедени се и количините на гас за потребите на ТЕТО и за топланите кои вршат производство на топлинска енергија.
Отако претседателот на Русија, Владимир Путин на вонредна прес конференција, соопшти дека ги признава двете области на истокот од Украина, Доњецк и Луганск, веднаш по оваа одлука, берзите претрпеа сериозни трбуленции. Цените на енергенсите значително пораснаа. Поради овој потег, дел од земјите почнаа со санкции кон Русија, а Германија ја замрзна сертификацијата на Северен тек 2, преку кој гасот од Русија требаше да се испорачува дирекно во Европа. Дел од земјите сметаат дека со овој потег, Европа ќе изгуби многу, со образложение дека рускиот гас е незаменлив, други пак велат дека ЕУ може и без него.
Инаку, според анализите најголем дел, односно 70 отсто од девизната заработка на Русија е од извоз на гас. Но, она што е значајно е тоа што ова не е прв пат да се јават проблеми со високи цени на енергенсите и гасна криза, поради конфликти на релација Запад – Исток.