2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕнергетската криза ги вади на протест бизнисмените, а општините ќе ги стави...

Енергетската криза ги вади на протест бизнисмените, а општините ќе ги стави во тотален мрак!

Бизнисмените не отстапуваат од намерата на 25ти овој месец да излезат на протест поради енергетската криза која според нив им задава сериозен удар врз работањето на компаниите. Од Стопанската комора за енергетика се децидни и велат дека ги повикуваат сите граѓани и претставници на реалниот сектор, да им дадат поддршка и заеднички да издејствуваат излез од кризната состојба. Освен бизнисот и граѓаните и локалните самоуправи јавно побараа помош од Владата со образложение дека не се моќни сами да се носат со новите повисоки цени на електричната енергија. Власта засега не планира да помогне. Ниту на компаниите, а уште помалку на општините. Регулаторот пак, ги разгледува опциите каде може да се интервенира.

На 25 февруари бизнисмените од Стопанската комора за енергетика ќе излезат на протест поради тоа што власта не одговора на нивните барања и предлози за полесно пребродување на енергетската криза. Од комората освен што испратија предлог мерки до Илинденска број два, побараа и разрешување на министрите од економските ресори и директорите на државните енергетски компании. Ѓорѓи Манасков претседател на ова бизнис здужение, за Денар вели дека одговорност власта мора да има за како што вели нестручното менаџирање на енергетската криза.

„Доколку минималната плата е 18 илјади и буџетот да го издржи ова покачување заедно со скалест раст и на останатите плати, потребно е компаниите пред се да бидат јаки и издржливи. Но со оваа енергетска криза самите компании комплетно се уништуваат и доаѓаат до банкрот. Мора да им се помогне на компаниите. Доколку до идниот петок владата не ги исполни нашите барања ќе се оди на протест на кој ќе се бара целосно разрешување на сите неодговорни кадри, вклучително и оставка на премиерот бидејќи не може да се справи со оваа криза“, вели претседателот на Стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков.

А од Заедницата на единицита на локалните самоуправи велат дека доколку продолжи игнорантскиот однос на владата во однос на нивните барања за финансиска помош за плаќањето сметки за струја ќе преземат радикални чекори. Претседателката на ЗЕЛС Данела Арсовска вели дека владата треба уште еднаш убаво да размисли како ќе се реагира, затоа што треба да се даваат јавни услуги кои се од интерес пред се за граѓаните.

„Треба да разбереме дека имаме 81 општина од кои повеќето се мали, рурални кои што немаат начин како да генерираат повеќе средства. Нивното функционирање, начинот на којшто работат и постојат е доведено во опасност од оваа ситуација, а неизвесно е истата до кога ќе трае. Доколку не добиеме помош од централната власт ќе добиеме целосна нефункционалност на малите општини. Општините веќе го имаат потрошено буџетот предвиден за електрична енергија со сметки за два месеци. Ситуацијата и со јавните комунални претпријатија е до толку алармантна што прекинот на електрична енергија директно влијае и може да доведе до прекин и на водоснабдувањето“, вели Данела Арсовска претседателка на ЗЕЛС.

Иако за овие барања Регулаторната комсија за енергетика нема ингеренции, сепак од оваа институција велат дека се во подготовки на анализи со кои ќе се обидат да им излезат во пресред на општините, но во делот на набавката на еолектрична енергија. Веќе се знае дека поголемите  општини и јавни комунални претпријатија набавуваат електрична енергија на слободниот пазар, и кај нив ситуацијата е сериозна. Додека малите општини или помалите јавни претпријатија се на регулираниот пазар и кај нив состојбата е стабилна.

 „За жал, имаме детектирано дека дел од општините се останати кај крајниот снабдувач што е 50 отсто од берзата хупекс – некои поради немарност, некои поради тоа што снабдувачите им ги раскинале договорите. РКЕ донесе одлука со која ги тргна повластените производители од регулираниот пазар и ослободи околу 230 киловатчасови кон слободниот пазар. Проблемот со кој се соочуваат општините е кај јавните комунални претпријатија кои мора да си ја зголемат ефикасноста“, велат од РКЕ.

Што се однесува до граѓаните, веќе до домаќинствата пристигнаа две сметки со зголемената цена како што беше најавено и одлучено на крајот на ланската година, но наместо 10 отсто повисока сметка висината на сметките според реакциите на граѓаните се дека поскапувањето на електричната енергија е далеку поскапа во однос на ланската година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП