Специјалниот пратеник за трговија на британскиот премиер Борис Џонсон за Западен Балкан, Мартин Викерс го посети рудникот за олово и цинк САСА, каде помеѓу останатото имаше можност да се запознае со новите инвестициски и развојни проекти во САСА, како и со континуираните вложувања на рудникот во реализацијата на голем број општествено одговорни активности и проекти за поддршка на локалната заедница.
„За САСА, како дел од компанијата Центар Азија Металс, чие седиште се наоѓа во Лондон и која котира на AIM пазарот на Лондонска берза, оваа посета на висок претставник на британската влада е многу значајна. Ние сме среќни со широката поддршка што ја добиваме, а која треба да ни овозможи полесна и побрза реализација на нашите капитални инвестиции во натамошна модернизација на рудникот и продолжување на неговиот работен век, што секако ќе донесат придобивки за сите засегнати страни, за инвеститорите, вработените во САСА, како и за луѓето од локалната заедница и земјата во целина“, изјави директорот за одржливост на САСА, Ивица Талевски.



