ЕВН Македонија додели 23 таблет компјутери за новата генерација ученици во рамки на проектот за дуално образование „20-20-20“ при ОСТУ „Гостивар“. Со ова продолжува да се реализира планот за дигитална настава на овие паралелки, како дел од долгорочната стратегија на проектот. Целта на истиот е да се едуцираат ученици кои ќе бидат спремни да станат дел од пазарот на трудот.
Претставници на ЕВН Македонија како и претставници на ОСТУ „Гостивар“ беа присутни на примопредавањето на таблет компјутерите. Раководителот на Корисничкиот Енерго Центар на ЕВН во Гостивар, г. Александар Трлин ја процени соработката меѓу компаниите и училиштата како многу моќен, ефикасен и клучен елемент во подготвувањето на учениците за реални работни предизвици со кои би се соочувале во блиската иднина. „ЕВН Македонија веќе неколку години преку овој проект придонесува во создавањето на стручни кадри за пазарот на трудот во земјата. Одличната соработка со училиштата и учениците не мотивира да продолжиме понатаму и токму затоа секоја година отвораме нови паралелки.“ рече г. Трлин.


