4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПензионерите чекаат политичарите да соберат поени на нивна сметка, па ќе добијат...

Пензионерите чекаат политичарите да соберат поени на нивна сметка, па ќе добијат повисока пензија!

Зголемувањето на пензиите полека станува секојдневно политичко препукување на релација опозиција власт. Политичарите си најдоа нова тема каде повторно си ги мерат силите. Пензионерите со нивното барање си чекаат повисоки пензии за пристоен живот. Власта вели дека следното зголемување на пензиите ќе придонесе за рекордна висина на примањата на пензионерите досега, опозицијата смета дека Владата само се обидува да добие политички поени.

ВМРО ДПМНЕ преку законски измени во обранието бара покачување на пензиите просечно за 20%, или по 3.000 за пензионер. Пензионерите сметаат дека досегашната пресметка за раст на пензиите е недоволна и бараат промена на методологијата. Експертите засега тивки, но сметаат дека средства за повисоки пензии би се обезбедувале со нови заеми. Од ПИОМ уверуваат дека пензискиот систем е стабилен и ќе може да издржи сериозен раст на пензиите.

Пензионерите веќе со месеци бараат зголемување на пензиите, кај граѓаните од третата доба на животот се чуствува голема загриженост и немоќ во нормалното живеење. Здуженијата на пензионери бараат што побрзо да се реши нивниот проблем, цените на храната, енергенсите, лековите, превозот се континуирано во раст, а нивните примања стагнираат. Голем проблем имаат пензионерите со ниски примања, добар дел од нив се со пензии и под 12 илјади денари. 

„Повеќе од година дена даваме иницијативи и предлози, да имаме законско усогласување, кое ќе биде базиранo и со порастот на просечната палта, но не повеќе од 5% и со порастот на трошоците на живот. На тој начин би се постигнал баланс на пензиите. Имавме позитивен одговор од власта, размислуваат за промена на формулата за усогласување на пензиите, но од кога точно не ни кажале“, велат од здружението на пензионери

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесоа предлог закон за зголемување на пензиите со кој е предвидено решението да биде усвоено и да важи од април. А предлогот предвидува пензиите да се зголемат за 20 отсто. Опозиционерите се поттикнати од растот на цените на многу производи, но и на зголемената цена на електричната енергија. Па затоа сметаат дека од голема важност е да им се помогне на пензионерите за да им се зачува стандардот и куповната моќ.

„Имаме генерациска должност да се грижиме и да ги почитуваме повозрасните граѓани кои во еден период принесувале за државата со својот труд, за што треба да им бидеме благодарни. Доколку не постои зголемување на пензиите, пензионерите ќе бидат доведени до работ на сиромаштијата“, вели Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Ваквата заложба на опозицијата премиерот Димитар Ковачевски ја коментира како обичен паушал се со цел да кажат дека учествувале во процесот за раст на пензиите. Тој напомена дека едно од неговите ветувања кои му се дел од програмата за работа се токму подобрување на стандардот на пензионерите. Наместо да глумат загрижени за растот на платите и пензиите, додека лицемерно блокираат закони, слободно нека продолжат и со измислените афери и лажниот патриотизам, велат од СДСМ.

„Во моментот се работи на модел и пресметки за точна сума која ќе значи силна поддршка за возрасните во услови на криза. Пензионерите се категорија силно погодена финансиски во време на пандемија и затоа Владата предводена од СДСМ ќе обезбеди значајна сума на средства за овие наши сограѓани. ВМРО-ДПМНЕ може да продолжи со опструкциите и блокадите односно она што најдобро го знаат“, изјавија од СДСМ.

А додека експертите предупредуваат за начинот на обезбедување на средства за раст на пензиите, од ПИОМ велат дека драстично им е подобрено функционирањето. Финансиската состојба во фондот е нормализирана и се помалку зависна од централниот буџет. Соодносот на пензионери-осигуреници е ист последните три години – 1 пензионер на 1,8 вработени и тука нема промени, велат за Денар од ПИОМ.

„Трансферот од централниот буџет кон Фондот се намалува во континуитет со реформата од 2019 година. Во 2021г трансферот изнесуваше 30.580.000.000 денари или 37,8% од вкупните приходи на Фондот. Проекциите за оваа година се дека тој ќе се намали за 2,2%. Планирани се 29.658.000.000 денари или во проценти 35,6% од вкупниот буџет што е предвиден за Фондот за 2022г. Само за споредба во 2017г овој процент беше 43%, а во 2018г 42%“, додаваат од ПИОМ.

Имено, во Македонија има 328 570 пензионери. Од нив со јануарското усогласување најниската пензија изнесува 10 791 денари. Највисоката пензија со усогласување од 2,9% изнесува 59 674 денари. Просечната пензија изнесува 16 336 денари. Во моментов усогласувањето се прави два пати во годината – според порастот на трошоците за живот, но покрај ова во законот за пензиско постои можност за усогласување и според платите, и тоа ако минималната порасне за 15 проценти, а просечната за 5 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП