Со 101 глас ЗА, ниту еден против и без воздржани пратениците ја изгласаа потребата од носењето на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија. Со предлог законот кој се носи по скратена постапка минималната плата ќе изнесува 18.000 денари.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со предлог законот се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика. Таа потенцираше дека до ова законско решение се дојде преку дијалог со социјалните партнери.

