26 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗ„Škoda Enyaq Coupe iV“ - нов електричен кросовер од Чешка (ФОТО/ВИДЕО)

„Škoda Enyaq Coupe iV“ – нов електричен кросовер од Чешка (ФОТО/ВИДЕО)

Чешкиот производител на автомобили, „Škoda“ го претстави новиот електричен кросовер во се попопуларната купе форма.

„Enyaq Coupe iV“ припаѓа на семејството на возила „Enyaq“ и е базиран на истоимениот „SUV“ модел, а на купувачите покрај обичната верзија ќе им биде понуден и спортски автомобил со логото на „RS“.

„Škoda“ се пофали дека новиот „EV“ има подобрена аеродинамика и многу низок коефициент на отпор на воздухот од 0,234. Оваа карактеристика, велат во чешкиот производител, во комбинација со малку помалата тежина на возилото гарантира поголема автономија во возењето.

Во понудата ќе има четири верзии, вклучувајќи „RS“ со високи перформанси, како и две опции за батерии.

Основниот модел „Enyaq Coupe iV 60“ има капацитет на батерија од 62 kWh и се придвижува од еден електромотор од 180 ks (132 kW) и 310 Nm, додека силата се пренесува на задните тркала.

Автомобилот достигнува 100 km/h за 8,8 секунди.

Сите три преостанати верзии, „Enyaq Coupe iV 80“, „Enyaq Coupe iV 80x“ и „Enyaq Coupe iV RS“ се опремени со поголема батерија од 82 kWh.

„Enyaq Coupe iV 80“ има еден електричен мотор од 204 ks (150 kW) и 310 Nm, а исто така и погон на задните тркала. Забрзувањето од 0-100 km/h се реализира за 8,7 секунди.

„Enyaq Coupe iV 80x“ е придвижуван од два електрични мотори со вкупна комбинирана моќност од 265 ks (195 kW) и максимален вртежен момент од 425 Nm. Автомобилот стигнува до „стотка“ за точно 7 секунди.

Инаку, максималната брзина на сите три верзии е електронски ограничена на 160 km/h.

На врвот на гамата е моделот „RS“, чии два електромотори обезбедуваат 299 ks (220 kW) и 460 Nm максимален вртежен момент.

„Enyaq Coupe iV RS“ забрзува од 0 до 100 km/h за 6,5 секунди, пред да достигне максимални, електронски ограничени 180 km/h.

Автономијата на возење мерена според стандардот „WLTP“ е 545 km, додека батеријата на брз полнач може да се наполни (од 10 до 80%) за 29 минути.

Во однос на практичноста, „Škoda Enyaq Coupe iV“ нуди волумен на багажникот од 570 литри, нешто помалку од моделот „Enyaq iV“ со 585 литри багажен простор.

Автомобилот ќе пристигне во европските салони напролет, до кога ќе се знае цената и другите технички детали, како автономија во возењето во поевтините верзии.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП