1 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМакедонија - Велс – фудбалски натпревар за трето место во групата, за...

Македонија – Велс – фудбалски натпревар за трето место во групата, за подобар рејтинг и фудбалска гордост

mk

Емоции, страст за репрезентативниот дрес, “мирис на барут“ во секој натпревар, желба на навивачите да им се овозможи радост – тоа се адутите на македонската фудбалска репрезентација во квалификациите за Светското првенство. Без оглед на противникот, без разлика на играчите во нашиот состав, Македонија секогаш е подготвена да го даде најдоброто од себе.

Репрезентацијата отсекогаш била сцената на која македонците го потврдувале талентот и квалитетот, но без помош од нацијата, без поддршка од народот, нема да успееме. Полните трибини и еуфоријата пред и за време на натпреварите се наша голема победа.

Македонија – Велс. Заедно до победа!

Македонија и Велс се земји прилично слични по големина, но она што исто така им е заедничко е страста за фудбалот, традицијата и фудбалерите од светска класа (Рајан Гигс, Јан Раш, нашите Дарко Панчев, Најдоски, браќата Ѓуровски и многу други) кои оставиле значаен белег во фудбалската историја. Двете земји и денес можат да бидат горди на своите фудбалски репрезентации, селекции кои имаат квалитет, компактност, борбеност и врвно фудбалско знаење. Во квалификациската група за СП 2014, Македонија и Велс имаат реални шанси за третото место, што претставува голем мотив за фудбалерите да дадат се од себе, да се борат до последниот судиски свиреж, а публиката да гледа одличен натпревар. Третото место во групата значи раст на ФИФА ранкинг листата, полесна група во следниот квалификациски циклус, и пред се најдобар резултат досега за Македонија во квалификациските натпревари.

Македонија и Велс ќе се борат за победа, не се очекуваат тактизирања, туку отворена игра и интересна фудбалска претстава. Македонските фудбалери добро се подготвуваат за овој натпревар кој ќе се одигра на 6 септември, на македонски терен во националната арена „Филип II“ во Скопје. Победата на Велс над Шкотска, на гостински терен во Глазгов, како и одличната игра на Македонија против Бугарија, ја потврдуваат добрата форма на двете репрезентации, што дополнително е гаранција за квалитетен натпревар.

Македонската фудбалска репрезентација се подмладува, ја сочинуваат квалитетни млади фудбалери, кои со нивно правилно насочување, и подршка од сите, даваат надеж дека веќе во следниот квалификациски циклус, Македонија може да биде сериозен кандидат за завршна фаза на едно врвно фудбалско првенство. Горан Пандев со многу труд се избори за својот статус – ѕвезда на европскиот фудбал. Горан е фудбалер поради кој се оди на стадион. Македонија треба да се гордее што има таков профил на играч. Николче Новески настапува во бундеслигашот Мајнц веќе девет сезони, еден од клучните предводници на нашиот тим. Агим Ибраими е новата ѕвезда во составот на Македонија.  Во Давид Бабунски имаме еден од најголемите таленти во модерниот фудбал.  Младите фудбалери во синергија со своите поискусни колеги влеваат оптимизам и можност за радост на целата нација во блиска иднина.

Фудбалската федерација на Македонија верува дека иднината на македонскиот фудбал е во развојот на младите фудбалски категории, во професионализацијата на тренерските кадри и во развојот на инфраструктурата. Токму затоа ФФМ денес и во иднина како основна цел во своето работење ќе го има развојот на младите фудбалери, овозможувајќи им одлични услови за работа и напредок. Новото раководство ветува посветеност, транспарентност и отвореност од што се надеваат дека корист ќе има фудбалот во Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП