26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЗа разлика од „Bosch“, „Continental“ нема да произведува сопствени чипови

За разлика од „Bosch“, „Continental“ нема да произведува сопствени чипови

И покрај глобалниот недостиг на чипови, германскиот снабдувач на автомобилски компоненти „Continental AG“ нема намера да влезе во индустријата за полупроводници, за разлика од локалниот конкурент „Robert Bosch“.

Компанијата со седиште во Хановер не планира да гради сопствена фабрика за чипови, пишува „Automobilwoche“.

„Го проверивме ова, но решивме да не го правиме“, изјави техничкиот директор Жил Мабире. Тој очекува недостигот на полупроводници да се подобри следната година.

Наспроти ова, „Bosch“ минатата година отвори фабрика за чипови од 1 милијарда евра во Дрезден, Германија, што е најголемата поединечна инвестиција за добавувачот во неговата историја.

Франц Ференбах, претседател на Надзорниот одбор на „Bosch“, предупреди дека европскиот автомобилски сектор станал премногу зависен од азиските добавувачи на витални компоненти како што се полупроводници и батерии за електрични автомобили.

„Да, станавме премногу зависни од другите региони, па затоа е потребна промена на курсот“, рече Ференбах. „Сепак, ова не е вина на политичарите, туку е поврзано со оптимизација на трошоците во синџирите на снабдување“, рече тој.

Во ноември, шефот на „Continental“, Николај Цецер, предвиде тешка 2022-ра година поради скапите суровини и недостигот на чипови, иако гледа подобрување на среден рок.

„Недостигот на чипови, како и зголемувањето на цените на суровините, веројатно ќе продолжат да вршат притисок врз автомобилската индустрија во четвртиот квартал од оваа година и во текот на 2022-ра година“, рече Цецер.

Во октомври, „Continental“ ја намали прогнозата за приходите од 34,5 милијарди евра на 32,5-33,5 милијарди евра, додека прогнозата за оперативната маржа на профит падна од 6,5-7% на 5,2-5,6 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП