22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМЖ Транспорт “кубури” со машиновозачи, недостасуваат најмалку 40

МЖ Транспорт “кубури” со машиновозачи, недостасуваат најмалку 40

МЖ Транспорт се бори со недостаток на работници. Најмногу недостасуваат машиновозачи. Од независниот синдикат велат дека во моментов, располагаат со 60 тина машиновозачи, но за брзо  бројката ќе биде намалена за 20 лица, кои треба да заминат во пензија. Просечната возраст на машиновозачите кои се дел од претпријатието е над 50 години. Посочија дека за нормално фунцкионирање на сообраќајот, недостасуваат најмалку 40 нови машиновозачи. Ако не се најдат барем половина, функционирањето ќе биде многу потешко.

-Бидејќи недостасуваат машиновозачи, тешко може да се направи и распоред. За проблемот известени се сите засегнати страни. Затоа што има недостарток на кадар, не може да се запазат некои правила на фирмата, не може да се запази редоследот за одмор помеѓу две смени, а со тоа се загрозува безбедноста во сообраќајот. Лошо е и за патниците, но може да се направат и големи материјални штети за претпријатието. Еве, и јас сум за пензија, но продлжив. Освен машиновозачи, фалат и маневристи, кондуктери, извршен персонал. Потребно е веднаш да се отвори конкурс и да се најде нов и млад кадар за работа, и да се продолжат договорите на оние лица кои до сега беа дел од претпријатието, а беа на определено, затоа што тие се веќе обучени и тоа е подготвен кадар кој ќе може да се вклопи во работата, наместо да се  обучуваат нови луѓе, вели за Денар, Душко Чакаловски, претседател на Независен синдикат на машински персонал во МЖ Транспорт.

Посочи и дека треба да се вложува во железницата, затоа што таа е една важна алка во транспортниот сообраќај. Просечната брзина на возовите кои се користат е 55 километри. На некои места, но тоа е многу ретко, може да се движат и со 100 километри на час.

Од новото раководство за Денар велат дека ќе се превземат сите механизми, да се подобри состојбата со кадар за работа во МЖ Транспорт.

-Ќе се залагаме да го подмладиме персоналот, а во исто време и да се зголеми. Во следниот период ќе се разгледаат сите недостатоци и сите позиции на пазарот на трудот, се со цел да се надминат проблемите и да се пополнат местата каде има недостаток на луѓе, вели за “Денар” новиот директор на МЖ Транспорт, Мубекир Палоши.

Инаку , во изминатиот период машинскиот персонал на претпријатието, неколку пати протестираше со целосно блокирање на железничкиот сообраќај поради неисплаќање на вториот дел од платите. Засега, велат проблеми нема, но ако се повторат ќе бидат принудени повторно да ги запрат возовите. Тие веќе неколку пати побараа платата да ја добиваат во целост, а не во делови.

За разлика од сега, во минатото железничкиот сообраќај патниците го користеле секојдневно и тоа на релации и надвор од земјава. Сега, главните дестинации за кои се користат возовите се од Скопје до Гевгелија и Битола. Распоредот на линиите е прилично помал, а бројот на дестинации значително намален.

МЖ Транспорт е едно од претпријатијата кое работи со загуби и има проблеми со финансиите. Претходно и Владата посочи дека заедно со Еурокомпозит, Пошта, но и ТЕЦ Неготино, централата која сега за време на криза повторно се активира за да се надоместта потребите од струја. Како една од опциите за спас на овие фирми се споменуваше опцијата за јавно приватно партнерство. Но , засега се уште нема ништо ново околу процесот на приватизација на овие фирми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП