20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИФинтек стартапот „Checkout.com“ веќе се проценува на 40 милијарди долари

Финтек стартапот „Checkout.com“ веќе се проценува на 40 милијарди долари

„Checkout.com“ немаше собрано пари од надворешни инвеститори до 2019-та година. Денес, компанијата е една од највисоко оценетите стартапи во светот, пишува „Wall Street Journal“.

Компанијата за обработка на дигитални плаќања со седиште во Лондон тврди дека собрала 1 милијарда долари преку неодамнешната продажба на акции, рекоа извори запознаени со ова прашање, па така стартапот се проценува на 40 милијарди долари.

Нови инвеститори се „Franklin Templeton“ и „Qatar Investment Authority“, кои се приклучија на старите инвеститори како „Insight Partners“ и „Tiger Global Management“.

Од првиот круг на собирање средства во 2019-та година, рејтингот на „Checkout.com“ се зголеми за 20 пати и сега го надминува оној на „Instacart“ и голем број други стартапи.

„Checkout.com“ префрла пари помеѓу купувачите и онлајн трговците – бизнис кој доживеа бум за време на пандемијата на коронавирус. Обемот на плаќања обработени од компанијата се зголеми за трипати во 2020-та и 2021-ва година, рече извршниот директор Гијом Пуза. Клиентите како „Netflix“ и „Klarna Bank“ имаат корист од поголемата побарувачка за нивните услуги.

Меѓутоа, во последниве месеци, продажбата на интернет е забавена поради олеснување на ограничувањата за пандемијата и враќањето на луѓето во физичките продавници.

Глобалниот раст на онлајн трговијата се очекува да падне на 18% во 2022-ра година од 20% во 2021-ва година, според фирмата за истражување на пазарот „MoffettNathanson“. На овој начин тој ќе се врати во темпото со кое се движеше во 2019-та година.

Ова, заедно со поголемото повлекување од технолошките акции од страна на инвеститорите, придонесе за продажба на акции на конкуренти со кои се тргува јавно, како што се „Adyen“ и „PayPal Holdings“.

„Нема сомнеж дека има голема нестабилност на пазарот“, рече Пуза. „Постојат краткорочни фактори. Сè што правиме во „Checkout“ е долгорочно“, додаде тој.

„На инвеститорите во стартапи можеби ќе им треба време да се прилагодат на промените во начинот на кој технолошките компании се вреднуваат на јавните пазари“, рече Девон Перек, управен директор на „Insight Partners“ и член на одборот на „Checkout.com“. „Но, неодамнешните прилагодувања на пазарот беа кратки“, рече тој.

Според него, „Checkout.com“ сè уште може да зграби пазарен удел од традиционалните банки и компаниите за обработка на плаќања.

„Checkout.com“ планира да го искористи најголемиот дел од новиот капитал за проширување во САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП