Креаторот на видео играта „Grand Theft Auto“ – „Take-Two Interactive“, најави дека ќе ја купи „Zynga“ за 11,04 милијарди долари во готовина и акции во зделка што ќе додаде наслови во неговото портфолио, како што е „FarmVille“, во услови на зголемена побарувачка за такви игри.
Договорот, најголемиот во секторот, ќе создаде гејмерски гигант со пазарна капитализација од речиси 30 милијарди долари, нудејќи игри за конзоли, компјутери и мобилни уреди во време кога се повеќе луѓе играат на нивните паметни телефони.
„Take-Two“, позната и по авантуристичката игра „Red Dead Redemption“, понуди 3,50 долари во готовина и 6.361 долари во акции за секоја акција на „Zynga“, што е за 64% повеќе од последната цена на затворање. Доколку се вклучат обврските на „Zynga“, договорот е во вредност од 12,7 милијарди долари.
Акциите на „Zynga“ вчера поскапеа за 45%, но сепак беа нешто повеќе од еден долар пониски од цената понудена во зделката, додека акциите на „Take-Two“ паднаа за околу 15%.
Договорот се очекува да биде финализиран во првата половина од оваа година. Има и период од 45 дена во кој „Zynga“ може да преговара со други купувачи до 24-ти февруари за подобра понуда.
Пазарот на мобилни игри се очекува да достигне 116,4 милијарди долари до 2024-та година, според „Newzoo“, а некои аналитичари очекуваат повеќе зделки во секторот.
„Овој тренд нема да запре тука. На многу развивачи на игри за конзоли им е тешко да создаваат игри за мобилни телефони“, изјави за „Reuters“ аналитичар „D.A. Davidson“, Франко Гранда.
„Крипто секторот и метаверзумот се потенцијални можности за раст, но мобилните игри се покажаа како успешни“, рече тој.