2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Nokia“ очекува пресвртот на нејзиниот бизнис да продолжи во 2022-ра

„Nokia“ очекува пресвртот на нејзиниот бизнис да продолжи во 2022-ра

Финскиот производител на телекомуникациска опрема „Nokia“ ја објави својата прва прогноза за 2022-ра година, намалувајќи ја загриженоста на инвеститорите за влијанието што глобалниот недостиг на чипови може да го има врз неговото работење.

„Nokia“ објави дека очекува споредлива оперативна маржа од 11-13,5% за 2022-ра година. Веста ја зголеми цената на нејзината акција за 2,8% за време на утринското тргување.

„Прогнозата покажува дека деловниот пресврт добро напредува и не се очекува корекција од инфлацијата на трошоците и недостигот на компоненти“, изјави аналитичарот на „Inderes“, Ате Рикола.

Компанијата, исто така, рече дека очекува да ја надмине својата прогноза за профит во 2021-ва година благодарение на нејзините ризични инвестиции.

„Nokia“ проценува дека нејзината годишна споредлива оперативна маржа е 12,4-12,6%, што ја надминува претходната прогноза од 10-12%. Исто така, проценува дека нејзиниот нето приход од продажба за периодот е помеѓу 21,7 милијарди евра и 22,7 милијарди евра, што спаѓа во претходно објавениот опсег.

Гигантот посочува дека во четвртиот квартал неговата основна дејност во голема мера се одвивала според очекувањата.

„Сепак, оперативната добивка на другиот бизнис беше повисока од очекуваната, вклучително и дополнителен придонес од инвестициите во хеџ фондови, што доведе до силна споредлива оперативна маржа, надминувајќи ја прогнозата за 2021-ва година“, се вели во соопштението на компанијата.

„Nokia“ сега очекува нејзиниот приход во четвртиот квартал да биде 6,4 милијарди евра, што е под прогнозата од 6,5 милијарди евра.

Компанијата треба да ги објави целосните финансиски извештаи на 3-ти февруари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП