Заштитата на корисниците на финансиските услуги е високо во приоритетите на Народната банка. Преку зајакнување на регулативата, со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, но и со Закон за финансиски омбудсман, со кој би се формирала посебна институција којашто ќе постапува по поплаките на граѓаните, ќе се гради рамка за посилна заштита на правата на потрошувачите. Ова во интервју за националниот сервис МТВ, го изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува дека иако Народната банка нема експлицитен законски мандат за заштита на потрошувачите, сепак како општествено одговорна институција презема повеќе мерки во овој сегмент. Пример за тоа е Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија како заеднички документ кој беше подготвен и донесе во соработка со Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, која предвидува повеќе активности со цел зголемување на заштитата на корисниците на финансиски услуги.

