26 април, 2024
ПочетнаКОРОНАКога ќе заврши пандемијата? Прогнозите се различни

Кога ќе заврши пандемијата? Прогнозите се различни

Коронавирусот е со нас повеќе од две години и речиси и да нема земја каде барем некој не бил заразен.

Заразата целосно ни ги промени животите, зеде жртви, ја осакати економијата, ги доведе здравствените системи во невидени кризи.

Ова не е првата пандемија што го погоди човештвото (и веројатно не е последна), но бидејќи сите претходни завршија, едно од горливите прашања е како и кога ќе заврши оваа.

Вирусот SARS-COV2 се чини дека е тука да остане, но тоа не значи дека ќе продолжи да се шири во форма на пандемија.

Научниците и официјалните лица имаат различни предвидувања за тоа.

Глобалната пандемија треба да заврши во 2022 година, велат претставници на Светската здравствена организација.

„2022 мора да биде крај на пандемијата Ковид 19“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејесус, говорејќи на последниот планиран брифинг на организацијата за 2021 година за коронавирусот.

Тедрос рече дека верува дека пандемијата ќе заврши во 2022 година, бидејќи, две години по почетокот на ситуацијата, „добро го познаваме вирусот и ги имаме сите алатки да се бориме со него.

Тој рече дека проекциите на СЗО покажуваат дека резервите со вакцини треба да бидат доволни за имунизација на целата возрасна популација во светот и дека треба да се дадат бустери за популациите со висок ризик до првиот квартал од 2022 година.

Големите проблеми што требаше да се надминат беа „ефикасното користење на сите алатки“ и особено „правичноста“ на дистрибуцијата на вакцините.

„Ако не го вакцинираме целиот свет, не мислам дека можеме да ставиме крај на оваа пандемија“, заклучи тој.

Во меѓувреме, кинеските здравствени власти се претпазливи во правењето предвидувања.

Некои рекоа дека сè уште не виделе материјални докази што покажуваат дека пандемијата опаѓа.

Јин Донгјанг, професор по биомедицина на Универзитетот во Хонг Конг, рече дека сега е „почеток на крајот“, додавајќи дека постои надеж дека можеме да ставиме крај на пандемијата во 2022 година.

„Но, најважно е дека СЗО навистина може да игра водечка улога во некои критични предуслови, како што се ставање крај на нееднаквостите поврзани со вакцините и истражување на нови вакцини и лекови“, рече Јин.

Имунолог од Пекинг, кој побара да биде анонимен, изјави за Глобал тајмс дека нема докази за да се каже дека пандемијата е завршена, бидејќи „немаме многу ефикасни вакцини и варијантите постојано мутираат“.

Бил Гејтс, милијардер и претприемач кој често се занимава со вакцинација и глобално здравје, исто така верува дека пандемијата би можела да заврши во 2022 година.

„Сè уште верувам дека ако ги преземеме вистинските чекори, пандемијата би можела да заврши во 2022 година“, рече Гејтс.

Сара Пејтон, професорка по епидемиологија на Универзитетот Рајт во САД, вели дека пандемијата ќе заврши кога доволно луѓе ќе добијат имунитет од вирусот преку инфекција или вакцинација, што значи дека ќе има многу помалку случаи на сериозни болести и смртни случаи. Тогаш Ковид 19 ќе стане ендемичен, сè уште ќе биде присутен, но полесно ќе се справиме со него, како сезонски грип или настинка.

„Знаеме дека на пандемијата ќе и дојде крајот, тоа е само прашање на време. Претпоставувам дека тоа ќе биде во 2022 година, можеби подоцна во годината, но не можам да кажам со сигурност. Можеби тоа ќе се случи во 2023 година”, рече Пејтон.

Пејтон рече дека многу непознати работи може да ја подобрат или влошат ситуацијата со пандемијата, вклучително и стапките на вакцинација, новите варијанти и човечкото однесување.

Д-р Пол Офит, креаторот на вакцината против ротавирус, смета дека е поверојатно во 2023 година да продолжиме со нормален живот.

„Мислам дека ќе дојдеме до точка каде што сме задоволни што бројот на случаи и смртни случаи е доволно низок што не чувствуваме дека треба повеќе да ги менуваме нашите животи… Во одреден момент во 2023 година, животот може да изгледа повторно исто“, рече тој.

Дали сепак ќе трае подолго?

Пандемијата на корона вирусот нема да биде зад нас до 2024 година, предвидува компанијата Фајзер.

Ковид потоа би можел да стане ендемска болест, што значи дека наместо глобална вонредна состојба, ќе стане постојано присуство што предизвикува регионални епидемии на инфекција слични на грип низ целиот свет, рекоа претставниците на Фајзер.

Мајкл Долстен, научник од компанијата Фајзер, рече дека иднината на вирусот зависи од вакцините и третманот.

„Кога и како точно ќе се случи тоа ќе зависи од еволуцијата на болеста, колку ефикасно општеството ги применува вакцините и третманите, како и правичната дистрибуција на места каде што стапката на вакцинација е ниска. Појавата на нови варијанти може да влијае и на тоа како продолжува пандемијата “, рече тој за CNBC.

Доктор Николас Кристакис од Универзитетот Јеил претходно даде слично предвидување во интервју за Си-Ен-Ен.

Но, на почетокот на 2022 година, Кристакис рече, „ќе достигнеме многу важна пресвртница, а тоа е кога ќе достигнеме нешто што се нарекува имунитет на стадо“.

„И тогаш ќе влеземе во преодниот период на пандемијата, кој ќе трае неколку години до 2024 година“, рече тој.

Тогаш навистина може да започне периодот по пандемијата, рече Кристакис.

„Во тој момент, биолошката и епидемиолошката сила на епидемијата ќе биде зад нас. Вирусот сè уште ќе биде таму. Сè уште може да предизвика инфекција.

Како и кога ќе заврши оваа пандемија зависи во голема мера од сите нас. Научниците се согласуваат дека вакцинацијата е најдобриот начин да се спречи појавата на нови соеви и нивното ширење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП